Кој би можел да му падне на Вардар во плејофот од ЛШ

По синоќешниот триумф од 1:0, Вардар ќе има многу работа на реваншот во Копенхаген за да се избори за сензација, но резултат е поволен, а љубопитноста голема за да видиме што би се случувало понатаму ако на 2 август добиеме уште еден празник за славење.

За да испише историја, Вардар на реваншот ќе треба да оди на победа, нерешено или пораз со даден гол, а потоа следува големото славје и тоа поради две причини: Пласман во плејофот од ЛШ и во случај на елиминација, тука е загарантираното учество во групната фаза во ЛЕ, што е топ и за сега неостварлив успех во македонскиот фудбал.
 
Она што најмногу нè копка во моментов е какви се шансите да се мине и следниот противник или поточно која би била последната пречка за да ја слушнеме химната на Лига на шампиони на Телеком арената.
 
Шансите се тешки, ама не се нереални бидејќи Ливерпул, Наполи, Севиља, Хофенхајм и Спортинг не можат да му бидат противник на Вардар. Има две рути League Route и Champions Route, а Вардар не е со нив, туку е во онаа каде се наоѓаат шампионите на своите земји.
 
Правилото во ждрепката е следно. Петте екипи со најголем коефициент се носители, а другите пет неносители. Тоа важи за двете рути и тие не се мешаат.

Тоа значи дека Ливерпул, Наполи, Севиља, Хофенхајм и Спортинг кои директно играат во плејоф, како земји со највисоки коефициенти на ждребот за противници ќе ги добијат петте победници од горната рута.
 
Ако Вардар ја мине третата фаза, нема да го преземе коефициентот на Копенхаген и во ждрепката за последното коло ќе биде екипа со најмал коефициент што значи влегува меѓу неносителите.
 
Во рутата на Вардар петте екипи со најголеми коефициенти се Олимпијакос, Селтик, Салцбург, Лудогорец и БАТЕ Борисов и доколку овие екипи го минат третото коло, тогаш една од нив ќе биде противник на Вардар во плејофот.

Да резимираме: Во плејофот за ЛШ ќе играат вкупно 20 екипи, 10 во League Route и 10 во Champions Route. И во двете рути ќе има по два шешира со по 5 екипи поделени во носители и неносители.
 
Петте можни противници на Вардар би ги дознале на 2 август по завршувањето на сите средби.
Зад сето ова се разбира дека постои едно „ако“, кое сигурно не е новозможно за Вардар кој денеска се наоѓа на насловната страница на УЕФА, каде пишува дека Вардар повторно изненади.
 
Ждрепката за плејофот во Лига на шампиони ќе се одржи на 4 август во Нион со почеток од 12 часот.
26 јули 2017 - 16:23