Кога меч на Мадагаскар завршил 129 - 0 од протест

Денес полни 15 години најсмешниот меч во историјата на Мадагаскар каде една од екипите не и дала на другата да пипне топка ама на крај изгубила 149-0. Овој меч и официјално е влезен во Гинисовата книга на рекорди.

За многумина прав херој на приказнава е судијата. Други сметаат дека тој бил сомнителен а не жртвено јагне во еден меч кој се смета за голема фудбалска комедија.

Сигурно дека тој господин Бенџамина Разафинтсалама на крај веќе не можел да свири затоа што 149 пати покажувал на центарот.

Овој натпревар е одигран на 31. октомври 2002 година во последното коло од првенството на Мадагаскар. Можеби не најпопуларен шампионат на светот, но сигурно познат по овој влез во Гинис.

На теренот на стадионот „Махамасима Мунисипал“ играле АС Адема и СО од Емирна, во моментот првиот и вториот на табелата. „Играле“ под наводници затоа што средбата завршила 149-0. Сточетириесет и девет нула.

Целиот настан почнал два дена порано кога се играло претпоследното коло од првенството и тимот на СО ремизирал против ДСА Антананариво и така ја изгубиле шансата да се борат за титулата во директен дуел со ДСА кој одиграл 2-2 со многу сомнителен гол во судиско продолжение. Пеналот го свирнал токму гореспоменатиот судија Разафинтсалама. Сега ги поврзувате коцките?

Замислете ги фаците на играчите на СО кога два дена по неправдата што им ја нанел фамозниот судија, сега одеднаш го гледаат пак него, Бенџамина Разафинтсалама.

На тренерот на СО, Зака Бе и на неговите момци две-три спорни одлуки им биле доволни да сфатат со каква намера е дојден судијата па не сакале да бидат дел од фарса.

Само што ќе ја земеле топката тргнувале кон својот гол и самоволно си давале автоголови и ја чекале свирката со која Разафинтсалама ќе продолжи игра. И така си дале 149 гола до 90’ минута (без продолжение).

Луѓе од публиката пробале да ја прекинат фарсата, некои гледачи се симнале од трибините и барале да им се вратат парите од карти, а други протестирале кај судијата кој немал намера да го прекинува мечот.

Овој натпревар е влезен во Гинис а за циркусот да биде комплетен се погрижила Федерацијата која го казнила тренерот Зака Бе три години, го суспендирале зошто негова била идејата за автоголови а неколку играчи биле казнети на неколку месеци. Уште посмешно е што не им дале на противниците да ја пипнат топката а на крај убедливо изгубиле.

Слична рапсодија имало и во Охрид на времето.

31 октомври 2017 - 09:52