Кога голманот на Стеауа фатил 4 пенали во финале против Барселона за европска титула

Непишаното правило дека за да се биде голман треба посебна „дарба“, не само талент за фудбал, одлично се гледа и по примерот на еден легендарен романски голман кој влезе во легендата по необична пенал серија во финале на Куп на европски шампиони.

На 7 мај 1986-та на стадионот „Рамон Санчез Писхуан“ во Севиља се играло финале на Куп на Европски шампиони меѓу Барселона и Стеауа.

Гигантот Барселона на пат до финалето доминирала против Спарта Прага, Порто, Јувентус и Гетеборг. Романска Стеауа играла убав фудбал но никој не верувал дека ќе можат да ги пројдат Велје од Данска, унгарски Хонвед, Кусиси од Финска (денес ФК Лахти) и Андерлехт.

Пред финалето на Куп на европски шампиони, целата јавност била едногласна: Барселона под водство на англискиот тренер Тери Венејблс лесно и лагодно ќе победи против клубот од Букурешт.

Но Романците успеале да го одржат почетниот резултат и мечот по 90 минути завршил без голови. Во тоа време не се играле продолженија па се преминало директно на пенали.

Никој ни на сон не верувал дека може да се случи тоа што се случило. Следувале моменти кои добија многу важно место во историјата на фудбалот.

Голманот на Стеауа, Хелмут Дукадам ги одбранил сите четири пенали на фудбалерите на Барселона и на својот клуб и донел сензационална победа во финалето на најпрестижниот и најбогатиот турнир во Европа денес познат како Лига на шампиони.

Стеауа Букурешт вечерта на 7 мај 1986-та станал првиот шампион во КЕШ/ЛШ од Источна Европа.

ДУКАДАМ ДОЛГИ ГОДИНИ Е НАЦИОНАЛЕН ЈУНАК

Прва во серијата тргнала Стеауа со промашен пенал

„Првиот пенал за нив го изведуваше нивниот капитен Алексанко (стоперот Хозе Рамон). Многу внимателно го гледав и по движењето на телото претпоставив дека ќе шутира лево (голманско десно). Застанав во исчекување на шутот и го одбранив пеналот.

Вториот пенал веќе беше прашање на психологија. Просто се ставив во улога на шутерот. Шутираше Педрас кој помисли дека јас еднаш отидов во десно и сега ќе одам во лево. Знаев дека може да помисли такво нешто зошто голманот на Барселона Урути исто прво му одбрани на Мажару во лева страна, а после му одбрани на Ласло Белени кој се реши за другата страна.

И јас што направив? Пак се фрлив на десно и ја одбранив топката без разлика што тој беше најдобар шут од сите на Барселона.

Со третиот шутер веќе беше уште полесно. Логично е дека противникот ќе одлучи дека голманот два пати одел во десно и сега ќе тргне на друга страна. Алонсо шутираше на десно и јас одбранив, по втор пат го проценив развојот на настаните.

Четвртиот пенал за мене беше најтежок, зошто не знаев што да правам. Дали пак да одам на десно или да сменам страна? Маркос веројатно помисли: голманов веќе три пати се фрла во десно, значи решил да оди до крај и ништо да не менува. На крај јас прогнозирав дека ќе шутира на лево. И кога Маркос само што се залета, веќе се наместив во положба за таа страна“.

Со неверојатни 4 одбранети пенали Дукадам станал херој на мечот. Кариерата ја завршил само два месеци после ѕвездената вечер во Севиља. Причина за тоа била атеросклероза поради која му се заканувала и ампутација на раката. На само 27 години.

 Во 1989-та година Хелмут Дукадам се излечил и пар сезони бранел за второлигашот Вагонул во Романија. Од 2010-та година бил избран за претседател на Стеауа каде бил и почесен претседател но во 2020-та го напуштил клубот. Низ годиниве работи и како стручен коментатор за тв каналот Digi Sport.

Уште еден интересен лик од оваа генерација на Стеауа е и Миодраг Белодедиќ кој станал европски шампион па во 1988-ма избегал од режимот во Романија преку Дунав за Југославија и потпишал договор со Црвена Звезда. Во 1991 и со белградскиот клуб стана европски шампион заедно со нашиот Дарко Панчев. Занимливо, после три години Стеауа повторно ќе стигне до финалето на Куп на европски шампиони но губи 4-0 од Милан, по иронија на судбината на „Ноу Камп“.