„Кога читам во весник дека сум дал исто голови колку Меси, не ми се верува“

Најдобриот бомбардер во Ла Лига игра за Жирона. Се вика Кристијан и станува збор за центарфор кој постигна 11 гола на 12 меча досега во Примера. Меси по мајсториите против Еспањол има исто толку голови, а Аспас и Суарез имаат еден помалку.

„Кога купувам тазе весник сабајле и читам дека сум дал повеќе голови од Луис и Лео, неверојатно е. Го ценам моментот, но тешко е“, рекол Стуани пред минатиот викенд.

***

Како мал Кристијан бил мирен и водел спокоен живот за разлика од неговите врсници. За викенд шетал со семејството и гледал фудбал. За летување одел по роднини во Уругвај. Стуани го немал талентот на Меси или харизмата на Кристијано Роналдо. Тој ниту растел во сиромаштија, ниту пак морал да падне за да стане посилен.

За репрезентацијата на Уругвај дебитирал дури на 26 години, но затоа играл на две Светски првенства со што е на исто рамниште со Кавани и Суарез.

СЕКОГАШ СОНУВАЛ ДА ЗАИГРА ВО ЕВРОПА

Кристијан Стуани се родил во малото уругвајско градче Тела во кое има околу 5.000 жители. Мајка му била учителка, а татко му заедно со брат му и дедо му држеле продавница.

На 13 години малиот Стуани отишол на проба во Данубио, еден од најголемите клубови во Монтевидео и во земјата воопшто. Откако ги импресионирал тренерите, Данубио решил да го задржи а Стуани на 17 години дебитирал за првиот тим заедно со Единсон Кавани. 

И покрај тоа што го остварил неостварениот сон на многу деца од Уругвај и имал перспектива во Данубио, Стуани мечтаел само за Европа:

„Видете, во Уругвај е таква состојбата - младиот играч мора да се пресели што е можно побрзо. Можеби преувеличувам, но на 22 или 23 години може да ти кажат дека си веќе стар.“

Стуани се оженил на 21 година со девојката Химена кој што во истата година ја родила ќерката Жозефина. Кога италијанскиот клуб Реџина од Реџо Калабрија го барала Стуани да потпише со нив и заигра во Серија А, менаџерот му рекол стрпливо да почека други понуди и да не брза. Но младиот Кристијан бил нетрпелив и не послушал.

Кристијан Стуани во дресот на Реџина

И покрај тоа што станува збор за речиси сличен менталитет и начин на живот, адаптацијата во Италија му паднала многу тешко.

„За мене сè беше некако ново. Требаше да созрееме како семејство. Се сеќавам дека тоа беше многу сложена етапа од животот“, вели првиот стрелец во Ла Лига денес.

Тешко се прилагодил и тоа му се одразило на теренот. Клубот кој постојано се бореше да не испадне од првата или втората лига (денес во Серија Ц), не можел да го чека Стуани да излезе од проблемите и го пуштил да замине.

Реџина неколку години го праќала младиот Стуани на позајмици. Најдобро се снашол во сезоната 2009/2010 во шпанска Сегунда кога за Албасете дал 23 гола на 40 меча.

Во 2012 година Реџина го продава Уругваецот во Еспањол а овој таму поминува три сезони и игра сосема солидно. После Еспањол потпишува договор со англискиот Мидлзборо а од 2017 игра за Жирона.

КАКО ИГРА СТУАНИ?

Новинарот Карлес Малдонадо од каталонскиот медиум La Contra Deportiva за Стуани вели дека е многу пријатен и дружељубив во приватниот живот, а на терен е многу агресивен - типична уругвајска школа на фудбалот.

Стуани одлично игра со глава, помага и во одбраната при прекини, а најопасен е во противничкото поле. Слаба точка му е шутот од далечина. 

Слика со Зидан веднаш по триумфот над Реал Мадрид лани

Главен квалитет му е играта со глава и борбеноста, не само во воздух туку и на земја. Во март годинава Стуани бил прв фудбалер во сите Топ-5 европски лиги по голови со глава. Кристијан се движи непредвидливо и тежок е за чување. Многу потсеќа на Оливие Жиру со начинот на игра.

Тренерот на овој каталонски клуб Еузебио Сакристан играл на времето за Барселона во времето на Јохан Кројф. Кога седнал на клупата на Жирона, тој сакал да воспостави посед на топка но брзо се вратил на 3-4-2-1 и 3-5-2 со друг стил на игра.

Во таквите формации Стуани добива многу топки за игра со глава. Сите работат за него.

„Никогаш не сум бил брз, но секогаш размислувам. Знаењето да играм со глава не е само инстинкт. Некој ќе рече: ’Малиов дава голови со глава зошто за тоа е роден’. Не, малиот многу тренирал, работел и на крај адекватно ја чита играта. Секогаш треба да имате желба да одите напред. Нема друг пат“, вели Стуани.

СО ЛАКТОТ ГИ УДИРА СИТЕ, ПА И СВОИТЕ ДОВЧЕРАШНИ СОИГРАЧИ

Кристијан Стуани на мечот на Жирона со Еспањол, три пати со лакт го удрил по нос поранешниот соиграч Давид Лопез. И не добил црвен картон.

Стуани и Лопез никогаш немале конфликт и никој не знае дали Кристијан имал намера што три пати со лакт го удрил Лопез во нос. Последен пат Стуани со лакт го закачил Лопез на 25 ноември во меч од Ла Лига. Во еден дуел го удрил по носот:

„Го прегледав моментот илјада пати и приметив дека намерно го прави тоа. Кога првпат ми го скрши носот, ништо не кажав. Вториот пат исто ништо не кажав. Ама јас не сум глупав. Тоа е непочит кон професијата и поранешниот другар од екипата. Изгубив почит за Стуани. Има мој број телефонски, но ниеднаш не ми се јави да се извини, ниту пак дојде во соблекувална после мечот“, искрено раскажал Лопез.

Стуани досега ниту еднаш не ги прокоментирал овие епизоди. Во Жирона Стуани веќе наполнил 31 година и никој не очекувал дека токму тој ќе стане најефикасниот шпиц во Примера.

„Кога отворам тазе весник сабајле и читам дека сум дал повеќе голови од Луис (Суарез) и Лео (Меси), не ми се верува“, вели човекот кој би можел да ја освои наградата Пичичи во пеколна конкуренција на страшни центарфори.