Лига на нации

Катастрофални грешки ја одведоа Македонија во пораз во Ерменија

Од играчка-плачка на кратко би можело да се опише разочарувачкото гостување на Македонија во Ереван каде Пандев и соиграчите доживеаа дебакл 4:0 (1:0). Мизерни грешки на голманот Димитриевски нè одведоа во пораз.

Селекторот Игор Ангеловски ги промеша картите и реши да направи четири измени во однос на составот кој го започна мечот против Лихтенштајн.

На стадионот „Вазген Саргсјан“ пред околу 15.000 гледачи, во одбраната десно заигра стандардниот Стефан Ристовски (против Лихтенштајн играше Бејтулаи), во средниот ред Спировски и Адеми почнаа пред Елмас и Хасани а во нападот тргнавме без Несторовски со Пандев како најистурен.

Ерменците, веројатно лути на себе по катастрофалниот пораз од аутсајдерот Гибралтар, вечерва започнаа мошне офанзивно и од сам старт го префрлија тежиштето на игра пред нашиот гол.

После пар обиди на капитенот Михтарјан од Арсенал и Мовисисјан, Ерменија почуствува слабост во нашата одбрана и тоа го искористи во 12’ минута.

По еден напад по левата страна, судијата не досуди очигледен прекршок врз Ристовски од Мовисисјан, играта продолжи, Маркос Пицели распали од 20-ина метри а Столе Димитриевски почетнички реагираше и буквално сам си ја внесе топката зад линијата:

Од тој момент лидерот во Групата 4 од Лига Д се обиде да заигра како на претходните натпревари, но големиот број непрецизни додавања и брзањето во градење акции не придонесоа за сериозни закани кон голот на Ајрапетјан. Пробуваа Трајковски, Пандев и Алиоски со соло акции но истите завршуваа пред противничката одбрана.

Десет минути по голот, стрелецот Пицели излезе од игра поради повреда а го замени Григорјан.

Капитенот Пандев и Стефан Ристовски добија по жолт картон во 27’ минута поради приговор за чистиот недосуден пенал над Барди кој излезе сам пред противничкиот гол. Вкупно петте жолти картони во првиот дел ја одразува грубата игра на Ерменците по првите 45 минути кои завршија со водство на домаќинот.

Вториот дел одново донесе сомнителна ситуација откако Трајковски влезе во дуел со противничкиот голман, падна, но судијата Стромбергсон покажа гол-аут. Во 55’ минута имавме и многу среќа затоа што шутот на Михтарјан заврши во пречката а нашата одбрана расчисти.

Во 58’ минута Елмас го замени Стефан Спировски и во првиот контакт со топка имаше пристоен шут но Ајрапетјан одбрани. 

На половина час до крајот Македонија тргна во целосна офанзива, а тогаш нападот го засили и Несторовски кој влезе наместо индиспонираниот Барди.

Но наместо израмнување, следеше студен туш во 67’ минута.

Одново сами си дадовме гол. Столе Димитриевски невешто изведе гол-аут до првиот играч до него Ѓоко Зајков кој реагираше како прв пат да е на терен, а лукавиот Михтарјан лесно ја украде и го проигра Мовисисјан кој зголеми на 2:0 постигнувајќи го првиот гол за репрезентацијата после шест и пол години:

Во ситуација кога поразот беше пред врата, селекторот Ангеловски проба и со трета замена: Хасани го замени бледиот Зајков но на голот немаше кој да го смени катастрофалниот Столе Димитриевски кој на 10 минути пред крајот прими уште еден очаен гол.

Газарјан од 25 метри шутираше од слободен удар а Столе Димитриевски како и при првиот гол, така и сега реагираше апсолутно почетнички и топката му се лизна од рацете во гол за убедливи 3:0.

Кога мислевме дека мизеријата е завршена, Столе Димитриевски прими уште еден пацерски гол од слободен удар за катастрофални 4:0 и враќање во реалноста:

После овој пораз Македонија и натаму е прва со 9 бода, Ерменија е втора со 6 бода а до крајот ние играме против Лихтенштајн на гости на 16 ноември и против Гибралтар дома три дена подоцна. Ерменците ги чека две гостувања, против Гибралтар на 16.11 и против Лихтенштајн на 19.11.

16 октомври 2018 - 19:52