Како живее репрезентацијата на непризнатата Каталонија?

Во текот на календарот на ФИФА и УЕФА за официјални меѓународни натпревари, редовно во програмата може да се видат и пријателски средби кои ги играат репрезентации кои не се признати и не можат да играат квалификации ниту големи натпреварувања. Таква е Каталонија.

Репрезентацијата на Каталонија е една од најстарите во светот и многу селекции може да позавидат на имињата кои играле за неа. Но Каталонија како што е познато никогаш не била самоостојна, независна држава и од таа причина ФИФА и УЕФА одбиваат да и дадат членство и можност да ја покаже својата сила на меѓународни турнири.

До ден-денес репрезентацијата на Каталонија не одиграла ниту еден официјален натпревар, туку претежно ревијални и пријателски средби.

Историјата на каталонската репрезентација е долга 115 години и за тоа време одиграла повеќе од 200 натпревари. Меѓу противниците имале и најсериозни светски селекции како Бразил, Аргентина, Франција, Нигерија.

Во 2009 година Каталонците ја забележале најголемата победа и тоа против Аргентина 4:3. Во тој момент за репрезентацијата на овој голем регион играле 8 шпански репрезентативци: Виктор Валдез, Карлес Пујол, Жерар Пике, Жоан Капдевиља, Серхио Бускетс, Чави, Сеск Фабрегас и Серхио Гарсија. Селекцијата тогаш ја водеше легендарниот Јохан Кројф.

Во последните години ФИФА и УЕФА станаа малку попопустливи со појавата на новите држави. Последен пример беше Косово кого во 2016 година го примија во своето членство, иако оваа земја и натаму е непризната од многу држави во светот и нема столица во Обединетите Нации.

Но во случајот со Каталонија, која УЕФА и ФИФА би ја примиле без приговор, им се врзани рацете, затоа што последниот збор го има шпанската фудбалска федерација, односно самата држава Шпанија која се противи на каква било каталонска независност и отцепување.

Освен тоа, просто не би сакале да изгубат добар дел од играчите кои и донесоа огромни успеси на Шпанија и се главни носители на играта на „Црвената фурија“.

Односот на Шпанската фудбалска федерација кон Каталонија е ист како и кон автономните покраини Баскија, Андалузија и Галиција.

По традиција, репрезентацијата на Каталонија во текот на една сезона игра еден-единствен пријателски меч, најчесто на датумот кога е основана репрезентацијата. Во друго време не играат најчесто поради тоа што нема слободни термини во меѓународниот фудбалски календар.

Последните средби Каталонија ги одигра против Тунис (3:3), Капе-Верде (4:1) и Баскиските земји (1:1). А во претходните две години не одиграа ниту еден меч.

КОНФЛИКТ НА ИНТЕРЕСИ

По многу обиди, годинава ФИФА конечно им даде право на Каталонците да играат натпревари за време на нивните паузи. Согласно правилата, на играпчите не им е забрането да играат и за репрезентацијата на земјата (Шпанија) и за регионот од кај доаѓаат (во случајов Барселона).

Но тука се јавува друг проблем. Во тој период натпревари игра и Шпанија во квалификациите за Европско 2020 и Каталонија би била лишена од неколку стандардни првотимци.

Целата ситуација ја заострил и неочекуваниот конфликт меѓу клубови од Ла Лига и Каталонија кои од разни причини одбиле да ги пуштат своите фудбалери. На почеток Ваљадолид не ги пуштил Рубен Алкараз и Жорди Масип да играат за репрезентацијата на Каталонија.

„Клубот со уважување се однесува кон Каталонската фудбалска федерација, но во прв ред мора да ги следи сопствените интереси. Во завршната фаза од сезоната ние не можеме да ги подвргнеме играчите на ризик од повреди кои може да ги задобијат на тие натпревари“.

Откако Ваљадолид го „скршил мразот“, и Рајо Ваљекано не ги пуштил своите играчи Алекса Морено и Алберто Гарсија да играат за Каталонија. Според управата, неопходно било старо-новиот тренер Пако Хемез да се запознае со екипата, а на играчите им требало време да ги разберат „неговите барања“.

Наместо нив репрезентацијата на Каталонија ги повикиала Едгар Бадиа од Елче и Исак Бесера од Настик. 

Каталонците не се разочарале толку од овие постапки колку што им паднало криво што нивниот најсакан играч во историјата, 39-годишниот Чави не можел да се договори со својот клуб да отпатува да го одигра прошталниот меч за Каталонија.

Така на мечот против Венецуела Каталонците иако играа без неколку важни играчи, славеа со 2:1. На мечот настапија Жерар Пике, Серхио Гарсија, Бојан Кркиќ, Жерар Делафеу, Алеиш Видал и Марк Бартра.