Како Мурињо ја спасува сезоната на Манчестер

„За нас сезоната во Премиер е завршена, нема што да бараме“, заклучи Жозе и тргна голем товар од грбот на своите фудбалери кои сега мора да ја освојат Лига Европа за да се пласираат директно во Лига на шампиони. Ако сакаат да им дојде Гризман, секако.

Јунајтед ја победи Селта Виго и тоа беше прв триумф на Манчестер против шпанска екипа на последните седум меча. Зошто на Мурињо му е толку важно да се освои Лига Европа?

На 30. април Жозе Мурињо го стави во првата постава Вејн Руни на мечот против Свонси и со тоа најави дека сезоната во Премиер лига за него е завршена.

Руни оваа пролет не одигра ниту една средба во Лига Европа, го преседе на клупа круцијалното дерби против Сити и заигра само против Барнли.

„Што се однесува на Лига Европа, таму имаме два меча во една недела против Селта и важно е првотимците да бидат одморени. Што се однесува до Премиер, мислам дека таму е предоцна. Во претходните месец дена одигравме девем средби од кои седум во Премиер и имавме многу проблеми“, изјави Мурињо пред успешното гостување во Виго.

Логиката на Мурињо не е тешка за читање, а пораката е јасна: сезоната може да се спаси само ако се посветат на Лига Европа затоа што во Англија тешко ќе го освојат четвртото место кое води во ЛШ.

Во меѓувреме не само што ги растерети своите играчи од притисок во Премиер, туку му наложил и на помошникот Руи Фарија да ја реши претераната употреба на социјалните мрежи кои им го одвлекуваат вниманието.

По тешката повреда на Златан Ибрахимовиќ, Мурињо размислувал што да прави со нападот. На крајот се реши за Михтарјан, Лингард и Рашфорд кои се испоставија како најдобро решение. Иако Селта ги одмораше сите првотимци во првенството и свесно загуби три меча, Мурињо синоќа ги надмудри. Галијците мораа да отстапат од позициониот напад после 30 минути игра.

Жозе сака да ја истурка сезоната со младите Рашфорд и Лингард иако тие не се ни пола ефикасни како Ибрахимовиќ. Желба на управата а и на Мурињо е на лето да се донесе Антоан Гризман од Атлетико Мадрид кој би го чинел клубот 105 милиони евра (330.000 фунти неделно).

Но за такво нешто Манчестер Јунајтед мора да обезбеди пласман во Лигата на шампионите следната сезона, затоа што на Гризман не му се игра Лига Куп.

Поради тоа сосема е сигурно дека реваншот со Селта и евентуалното финале на 24. мај во Стокхолм би биле најважни натпревари во целата сезона на Манчестер. Важни и од причина што би сакале да ги донесат Андреа Белоти, Џо Харт и Јан Облак.

Во меѓувреме против Арсенал во недела ќе игра лидерот на Б тимот Вејн Руни. Затоа што Премиер може да чека, Лига Европа не.