Како функционира академијата на Ајакс - децата ги учат психологија и економија

Родителите плаќаат само 12 евра и тоа е ставка за осигурување. Сè друго е бесплатно. Децата во академијата одат во школо, тренираат неколку дена во неделата, играат натпревари и ја одржуваат традицијата на блискост со навивачите.

Холандија секогаш имала посебен фудбалски пат. Формацијата 4-3-3, напаѓачки, отворен фудбал е методиката која се учи уште во холандските академии за деца.

Кога репрезентацијата на Холандија не се пласираше на Европско 2016, а потоа дури ни на Светско, на големо се зборувало за криза во системот: 4-3-3 веќе не функционира, играчите рано одат во европските гиганти и не напредуваат доволно.

Токму необезбедниот пласман на Светско сменил сè. За Холандија денес играат можеби најдобрите стопери во Европа (Ван Дајк и Де Лихт), имаат одличен среден ред (Де Јонг, Вајналдум, Депај и Промес, и им фали уште врвен напаѓач.

А Ајакс до полуфиналето на Лига на шампиони стигна со млад состав и многу деца од својата школа (против Јуве играа дури 7 од нивната структура).

ВО АКАДЕМИЈАТА САМО ПО ПОВИК, ПРИОРИТЕТ ИМААТ АМСТЕРДАМЦИ

Академијата на Ајакс е најдобра на светот децении наназад. Основана е пред повеќе од 35 години и од септември 1982 до сега, на секој меч се појавувал макар по еден воспитаник од академијата. Серијата да се има свое дете во тимот трае 1.751 меч и продолжува.

Во Холандија оваа академија ја викаат De Toekomst („Иднината“). Таа се наоѓа на излезот од Амстердам, близу „Јохан Кројф Арената“. Таму има 12 фудбалски терени, тренажна сала, ресторани и кафе барови. Истиот назив го носи и стадиончето на кое играат младите категории. Во Ајакс има многу генерации кои почнуваат од тимот У-9.

Клубот планира да изгради уште пет терени и да го обнови стадионот за младинците кој собира 3.000 гледачи. Таму играат Ајакс 2 и младинската екипа.

Да се стаса во оваа академија може само по повик од Ајакс. Децата таму почнуваат да се занимаваат со фудбал на 7-8 години, но некогаш и порано. Скаутите најпрвин повеќе од една година го следат талентот од најрана возраст и дури потоа го викаат на генерална проба.

Ајакс има околу 90 надворешни соработници од кои осум скаути се со постојан договор: четворица работат во Холандија, а четворица надвор од границите (така во Холандија е донесен Кристијан Ериксен). Сите скаути-соработници собираат информации за талентирани деца ширум земјата и доставуваат извештај до клупските скаути кои го оценуваат кандидатот.

Приоритет на Ајакс е Амстердам. Во школата се трудат да најдат деца кои живеат максимум 60 километри оддалеченост од главниот град, за патот до академијата да не им трае повеќе часови.

„Амстердам е слободен град, со слобода на говор, слобода на избор. И тоа придонесува за појава на креативни и неограничени луѓе. Го гледате тоа и во нашата филозофија“, рекол за ESPN, Касимир Вестервелд, шеф на скаут службата во академијата.

Клубот се држи до филозофијата 4-3-3 која во ХХ век на Холандија ѝ донесе многу успеси и Ајакс не остапува од неа и покрај барањето од јавноста да се фати приклучок со националните селекции. Клучни параметри за развој на играчите во академијата се: техника, размислување, карактер, брзина и фудбалска интелегенција. Во секој параметар има по 10 други карактеристики според кои ги оценуваат децата.

УЧИЛИШТЕ ВО АКАДЕМИЈАТА: УЧАТ ФИНАНСИИ, ЈАЗИЦИ, ПСИХОЛОГИЈА

Децата на возраст од 13-18 години учат на територијата на академијата - таму има старо училиште. Тренираат пет-шест дена во неделата и преку викенд играат. Во такви услови нема многу време за сè, па Ајакс помага: за децата побрзо да стигнат дома, ги превезуваат. Кој живее близу, му се компензира превоз. При тоа родителите за детето плаќаат само 12 евра годишно - за осигурување. Сè останато е бесплатно.

Најмладите не тренираат повеќе од три пати неделно, за да може да учат и во обично, редовно училиште. Децата на рана возраст уште не ја разбираат тактиката која што се сфаќа дури на 13 години. Ајакс се труди да не ги одвојува на долго младите деца од семејствата и пријателите, па оттука и желбата за локални клинци.

„Сметаме дека до 13 тоа им е доволно. Тие имаат свој живот, семејство, другарчиња. Не сакаме да мора да бираат, вели директорот на академијата, Јан Рикеринг за New York Times. Кога не се со нас, тие играат на улица, се дружат. Некогаш тоа е дури поважно. Најдобри се со топката кога никој не им кажува што и како да прават“.

Во школото има сопствена библиотека, курсеви, школа за странски јазици и научна лабораторија. Децата учат правилно да пишуваат, да читаат, има кинезиологија (научна и практична дисциплина која го изучува мускулното движење во сите негови појави), психологија и педагогија, економија, дури и финансиска писменост.

За сево ова Ајакс има редовен договор и плаќа 15 учители.

ИМА И НЕПОСЛУШНИ КОИ СЕ БРКААТ ОД АКАДЕМИЈАТА

Тренерите во академијата на Ајакс исто не се обични фудбалски работници. Клубот претпочита со најмладите категории да не работат поранешни фудбалери. Сите генерации играат во еден стил: 4-3-3, контрола и посед на топка, напаѓачки фудбал.

11 на 11 почнуваат да играат од 11 години, а претходно играат 8 на 8, 9 на 9 или 10 на 10. Притоа децата тренираат и играат на разни димензии - што помалку играчи, тоа помал терен и голови. Децата постепено играат на поголем простор.

Во академијата на Ајакс тренира и првиот тим, па така пред ручек често може да се види пример Френки де Јонг и дечиња од школата.

Има различни возрасни групи: од 7 до 12 години (почетна школа), од 13 до 16 години (средна школа) и од 17 до 20 (постара школа).

Во штабот има 24 тренери. Тие ги набљудуваат сите возрасни групи затоа што Ајакс прекинал со класичната пракса „еден тренер за една возраст“. 

Најмладите учат основи: како правилно да примат топка, правилно движење, позициона игра, шутеви, удар со глава итн. Од 13 години кога преоѓаат во полн режим на тренинзи, им даваат посериозни задачи: работа со топка, дуели, лизгачки стартови.

Се работи строго: тој кој не се справува или ги игнорира обврските го отстрануваат од академијата - во редот за влез во Ајакс чекаат многу деца. Се разбира, тоа не го прават наеднаш. Фудбалерот секогаш добива неколку предупредувања за да знае дека е во ризична зона. Ако се исправи, ќе остане. Секоја година тренерите и управата го оценуваат развојот на секој играч - од осум години па нагоре.

Поради ова управата на академијата неретко е на удар на критики, затоа што понекогаш погрешиле во проценките и се одрекле од идни ѕвезди кои си отишле без никаква компензација.

Таков случај бил Квинси Промес, сегашен репрезентативец на Холандија кој често се карал со тренерите и на 16 го избркале од академијата поради конфликтен карактер.

„Секој човек, за да стане подобар, треба да извлече поука од своите грешки. За мене тоа беше бркањето од Ајакс“, рекол Квинси кој денес игра за Севиља.

Управата е строга и кон тренерите, ако види дека немаат успех во работата. Новинарот на New York Times поминал неколку дена во академијата и во тој период еден тренер кој работел со тимот У-15, бил отпуштен.

Директорот на Ајакс, легендарниот голман Едвин ван дер Сар признал дека клубот ги продава најдобрите играчи за да опстане.

„Играме во мало првенство. Од финансиска гледна точка, не мораме да продаваме фудбалери, но во еден момент тие достигнуваат една етапа во развојот кога сфаќаат дека сакаат да играат против најдобрите клубови на светот. За жал, во холандската лига нема такви ривали. Заминуваат после две, три, четири години. Навивачите сакаат да гледаат деца до клубот во прв тим и со нив чуствуваат блискост. Тие ги следат уште од најрана возраст, ги гледаат на 11 или на 15 години па после како дебитираат за прв тим“, вели Ван дер Сар за ESPN.

Ајакс заработил повеќе од 500 милиони евра во ХХI век од продажба на играчи. Но во 2018-та година за првпат после многу децении имаа необична трансфер кампања и тоа на барање на навивачите - купија повозрасни фудбалери како Душан Тадиќ и Дејли Блинд од Премиер лига, ги сочуваа староседелците Ласе Шене и Хаким Сиеш и стигнаа до полуфинале на Лига на шампиони!

Но скоро сигурно екипата која направи многу чуда сезонава, на лето ќе се растури, затоа што големците веќе чукаат на вратата во клубот од Амстердам.