Кај Бојко Борисов се договоривме веќе да нема местење натпревари

На официјална средба, претседателите на трите најголеми бугарски клуба ЦСКА, Левски и Лудогорец, се договориле од сега па натаму да има фер плеј. И тоа ладно си го соопштија на јавноста, како ништо да не важи од тоа што досега се штелале натпревари.

Домаќин на средбата бил премиерот на Бугарија Бојко Борисов, а присуствувале и претседателот на бугарскиот фудбалски сојуз Боби Михајлов и министерот за внатрешни работи Младен Маринов.

Георги Домусчиев е сопственик на Лудогорец, клубот кој во последните 8 години ја освојува титулата во Бугарија и кој ја разби доминацијата на двата софиски гиганти кои како Ренџерс и Селтик се менуваа на тронот и заедно имаат вкупно 57 шампионски титули и 43 Купа.

Левски и ЦСКА доминираа со бугарскиот фудбал до 2011 година кога фудбалска престолнина на Бугарија стана градчето Разград со 30.000 жители. Лудогорец два пати играше во групната фаза од Лига на шампиони, ги победуваше ПСВ Ајндховен и Лацио, а еднаш стигна и до осминафиналето на Лига Европа.

*****

Бугарија долги години е на црната фудбалска мапа на Европа, затоа што постои основано сомнение за огромен број наместени и договорени резултати.

Денес во Министерскиот совет во Софија на заедничката средба, тројцата сопственици на најголемите клубови во Бугарија си подале рака, од сега па натаму да има фер плеј и витештво.

„Се договоривме. Се разбравме да не се купуваат натпревари, да не се купуваат судии, да не се купуваат помали клубови итн. Да има целосен ферп-плеј и да победи најдобриот“, мртов-ладен изјавил Гриша Ганчев, сопственикот на ЦСКА Софија кој призна дека во минатото имало наместени натпревари и за тоа зборуваше по средбата со државниот врв.

8 јули 2019 - 13:51