Јуве и ПСЖ се да речеме веќе шампиони, а веројатно и Барса

Манчестер Сити му бега на Ливерпул еден бод, а Баерн и Борусија се на исто. Само тука може и треба да се очекува пеколна неизвесност до крај. Во Шпанија Барселона полека ита кон титулата, а во Италија и Франција тие што се втори џабе везат.

СЕРИЈА А до 26 мај (Јувентус 75, Наполи 57)

На 11 кола до крајот на сезоната во Серија А, само прашање на време е кога и официјално Старата Дама ќе ја одбрани титулата, рекордна осма во низа што не се случило до сега во историјата на италијанскиот фудбал. Ај што Јуве не губи и има скор од 24 победи и 3 нерешени, туку и Наполи не победува.

На последните 5 средби во првенство има само еден триумф против Парма, пораз од Јуве и три нерешени со Фиорентина, Торино и Сасуоло. Ако не на крајот на овој месец, Јуве сигурно во април ќе биде пак првак. 18 бода е разликата.

ЛИГА 1 до 25 мај (ПСЖ 71, Лил 57)

Иста песна во Франција, каде богатите и моќни парижани немаат конкуренција во борбата за титулата. Бодовната разлика меѓу ПСЖ и Лил се недостижни 14 бода. Откако им дојдоа Шеиците за газди тие сезонава ќе ја слават титулата број 6 во изминативе 7 сезони.

ЛА ЛИГА до 19 мај (Барселона 63, Атлетико Мадрид 56)

Иако Барселона делува сигурно и доминантно сепак тука рано е да го отпишеме вториот на табела, а тоа е Атлетико, а не Реал кој заостанува 12 бода. Барса ја брка 26-та титула во својата историја и четврта во изминативе пет сезони. Ел Класико заврши, што значи работите ќе станат многу појасни по директниот дуел меѓу Барса и Атлетико закажан за 6 април.

ПРЕМИЕР ЛИГА до 12 мај (Манчестер Сити 74, Ливерпул 73)

Во Премиер лига допрва следи пеколот. Манчестер Сити ќе се потруди да ја одбрани титулата, а Ливерпул да ја врати дома после три децении. Последен пат ја има освоено во 1989/1990, односно пред да биде формирана Премиер лигата во ова руво.

Ливерпул до крај игра дома со Тотенхем, Челси, Хадерсфилд и Вулверхемптон, а на гости со Фулам, Саутемптон, Кардиф и Њукасл.

Манчестер Сити пак ги пречекува Кардиф, Тотенхем и Лестер, а гостува против Фулам, Кристал Палас, Манчестер Јунајтед, Барнли и Брајтон.

БУНДЕСЛИГА до 18 мај (Баерн Минхен 57, Борусија Дортмунд 57)

Во Германија Баварците се први, ама само поради подобрата гол разлика од 2 гола. И тука како во Шпанија директниот дуел може да го реши славеникот. На 6 април покрај Барса – Атлетико ќе гледаме и Баерн – Борусија во Минхен. Кој ќе загуби може скапо да го плати поразот. Баерн брка седма титула по ред и вкупно 29-та, а Борусија ja нема освоено од 2012-та.