Италија е кошмар за Германците

Во епската битка за финалето на Европското првенство, Германија вечерва ќе се обиде да го разбие најголемото „проклетство" во интернационалниот фудбал. Германците никогаш ја немаат победено Италија на официјален натпревар.

Пред неколку денови во четвртфиналето на Европското првенство, Шпанија го разби „француското проклетство" и тие конечно ги победија своите северни соседи на натпревар на едно големо натпреварување. Вечерва истото ќе се обидат да го сторат и Германците.

Трикратниот светски и трикратен европски шампион и една од најуспешните репрезентации на планетава, Германија никогаш во историјата ја нема победено Италија на еден официјален натпревар.

Прв пат овие две репрезентациии се сретнале на голем турнир во 1962-та година на Светското првенство во Чиле. Во последните 50 години тие имаат одиграно седум натпревари, од кои на три има победено Италија, а четири завршиле без победник.

Последен пат Германија и Италија на официјален натпревар се сретнаа на 4 јули 2006-та година. Германија како домаќин на Светското првенство се надеваше на седмо финале и тоа на свој терен, но нивниот сон повторно беше срушен од Италијанците. Натпреварот заврши 0:0 во регуларниот дел, но со головите на Гросо и Дел Пјеро во продолженијата, Италија ја елиминираше Германија и се избори за финале каде славеа против Франција.

Германците сонуваат за одмазда и ќе се обидат да ја продолжат серијата од 15 победи во серија, но Италијанците немаат пораз на последните 14 натпревари и сакаат реприза на 2006-та година. Ни преостанува да гледаме уште една епска германско-италијанска битка за големото финале на Европското првенство.

28 јуни 2012 - 12:57