Искрена исповед на Тоти зошто си оди од Рома

Денес на пладневна прес-конференција, големата легенда на италијанскиот фудбал ги соопшти своите причини зошто ја напушта должноста директор во Рома.

Речиси две години откако ја заврши неверојатната играчка кариера, Франческо Тоти го напушта клубот во кој беше целиот свој живот. Макар привремено како што тврди.

„Немав никаква можност да се искажам. Јас не бев дел од техничкиот проект. За мене ова е тежок избор, размислував неколку месеци. Но Рома е поважна од се друго. Во клубот не смее да има поделби на групи: кој е за Тоти, кој за Палота (претседател и сопственик на клубот). Јас секогаш зборував: играчите доаѓаат и си одат, тренери доаѓаат и си одат, претседатели доаѓаат и си одат, но симболот е тука засекогаш. Мене ме принудија на ваква одлука“, мошне искрено ја отвори прес-конференцијата Тоти кој додаде:

„Управата знаеше со што сакам да се занимава, како сакам да помогнам. Но тие не сакаа јас да се мешам. Јас немав никакво влијание.

Секогаш ќе навивам за Рома. Не се збогувам засекогаш. Како навивач можам да кажам дека е чудно да се види Рома без Тоти. Ако некои следни сопственици сакаат да работат со мене, со задоволство ќе се вратам. За мене е подобро да умрам, отколку да бидам далеку од Рома.

ШТО И КАКО ПОНАТАМУ?

„Имам многу варијанти. Мирно ќе решам. Во најскоро време ќе ги разгледам сите понуди и ќе го изберам тоа што најмногу ми се допаѓа. На новата работа ќе се дадам целиот себе.

Секако дека нема да бидам невработен. Ме викаат и италијански клубови. Јувентус или Наполи? Не зборете будалаштини. Не постапувам така. Јас ја сакам само Рома.“

КОЈ Е ВИНОВЕН ШТО ТОТИ Е БУКВАЛНО ИЗБРКАН?

„Не можам да именувам конкретно некого. Тоа е след на настаните во целост. Договореното не беше испочитувано и решив да заминам. Сите знаат кој сакаше да ја завршам кариерата (италијанските медиуми нагаѓаат дека тоа е Франко Балдини, советникот на претседателот Палота). Имав договор за технички директор на шест години, но не го работев тоа што го сакав. Многу ми ветуваа но не стоеа на зборот.

„Тие луѓе сакаа да ги избркаат сите Римјани од клубот. Ги добија тоа. За време на овие осум години Американците не истиснаа нас во страна. Сакаа да го сторат тоа и успеаа“.

„Со Балдини никогаш немавме и нема да имаме однос. Тоа беше на штета на клубот и еден од нас мораше да си оди. Никого не го занимаше моето мислење. Сите одлуки се носат во Лондон. Просто губев време.

Секогаш сакав да бидам отворен со навивачите. Но клубот го интересира само финансискиот момент. Тие ги продаваат најдобрите играчи за да се справат со економски прболеми. Кога пред една година реков дека Јувентус лесно ќе го освои скудетото, а Рома ќе се бори за четврто место, мене ме викаа некомпетентен.

Викаа дека им ја кршам мечтата на навивачите и играчите. Нив не им требаат луѓе кои ја зборуваат вистината. Јас им сметав.

Да сум јас претседател на Рома, би поставил две легенди да го водат клубот: Тоти и Де Роси. Тие знаат што значи да си Римјанин и романист. Но Палота се опкружи со лоши луѓе и ги слуша само нив. Тој не е присутен во клубот, не знае што се случува.

Мислам дека во Бостон до него доаѓаат само 10% од реалните инфорамции за тоа што се случува. Ми забодеа нож во грб. Имиња нема да објавувам, но ги знаете. Со Палота очи во очи разговарав само еднаш - кога ја завршиш кариерата“.

ШТО ТОЧНО САКАЛ ТОТИ?

„Јас никогаш не барав пари. Не сакав да командувам со сè. Барав само да учествувам во носењето одлуки. Они бираат спортски директор, тренер, а мене не ми се ни јавуваа. Не отидов на средба во Лондон зошто ми кажаа за неа на два дена пред патот. Со тренерот веќе решија се. Лично му ѕвонев само на Антонио Конте. Ниту на Михајловиќ, ниту на Гапсерини, ниту на Гатузо. А они направија ситуација дека мои биле сите варијанти освен Фонсека.

Јас ќе останев ако Рома ја преземеше Конте. Ќе останев дури и ако ми се јавеа ден пред него да го постават за тренер. Сакав да видам дека имаат доверба во мене. Конте беше наша прва варијанта. Но тој не сакаше да биде дел од револуција (Конте не сакал да оди во клуб каде треба многу престројувања во структурите). Нему му требаше тим способен да се бори за сериозни цели.

Овој клуб им треба на Римјаните. Не може да бидеш мирен ако видиш како играчите се смеат после поразите. А некои функционири намерно сакаат да губиме. Мислам дека не сфаќаат што прават. Не живеат во градот, не читаат весници, не слушаат радио, не гледаат телевизија.

Минатото лето ме прашуваа за еден играч. Им кажав дека во моментов нема да ѝ одговара на Рома. Ди Франческо играше во формација 4-3-3, позицијата на дечкото не одговараше на системот и многу се повредуваше. Но го земаа. А јас претпочитав фудбалер од Ајакс. (Тоти наводно бил за Хаким Зијеш од Ајакс, а управата го донела Хавиер Пасторе кој имаше очајна сезона проследена со многу повреди).

Ди Франческо после полуфиналето на Лига на шампиони бараше пет играчи. Не му потпишаа ниеден. Искрено ќе ви кажам. Ако сега некој фудбалер ме праша дали да прејде во Рома, ќе му кажам дека Рим е прекрасен сончев град, а клубот има најдобри навивачи на светот. Но има и негативности“.

17 јуни 2019 - 18:37