Интересни анегдоти од автобиографијата на Михајловиќ (I дел)

Човекот чиј животен пат сигурно заслужува игран филм, на крајот од минатата година во Италија објави автобиографија во која раскажува за своите догодовштини од родното Буково кое го зафати воен виор, преку царскиот живот во Белград и успехот во Италија.

Во ноември 2020-та излезе автобиографијата на Синиша Михајловиќ „Натпревар на животот“. Книгата е напишана во коавторство со заменикот главен уредник на La Gazzetta dello Sport, Андреа Ди Каро и раскажува за животот и кариерата на легендарниот фудбалер - од детските денови па сè до тешката борба со болеста која што му ја дијагностицираа во 2019-та.

„Натпревар на животот“ е еден од фудбалските бестселери на италијанскиот Амазон и една од најпродаваните биографии. (може да се купи за 18,5 евра).

ЗА ПОСЕТАТА КАЈ ГАТАЧКАТА КЛЕОПАТРА, НАЈПОЗНАТА ВО ЈУГОСЛАВИЈА

Клеопатра била позната гатачка во '90-те години. За викенди доаѓала во хотел во Белград, а пред зградата имало стотици луѓе кои чекале ред за кај неа. Често кај неа одел Владан Лукиќ, фудбалер на Црвена звезда, соиграч на Синиша Михајловиќ.

Еднаш Лукиќ ѝ однел голем постер од екипата на гатачката, чија внука била голем навивач на Звезда. Клеопатра после неколку минути покажала со прст на Михајловиќ и рекла: „Овој да дојде кај мене. Следната недела ќе има сообраќајка и ќе има домашни проблеми“.

Лукиќ му пренел на Синке, ама овој се насмеал и одбил.

После неколку дена на враќање од едно ноќно излегување со другари, возачот на автомобилот заспал и имале сообраќајна незгода. Синиша во меѓувреме имал и домашни проблеми со неговите кои за викенд доаѓале да го посетат во Белград и постојано му викале дека води неуреден живот и се расправале со него.

Тогаш се сетил на Клеопатра и решил да отиде кај неа да види за што станува збор. Прво што му рекла е дека некоја девојка му направила магија. Во автобиографијата Михајловиќ раскажува дека кога се вратил дома нашол еден пакет во кој имало платнена вреќа со суви гранки и шајки во неа.

„Таа ти го ставила да те скара со роднините и другарите. Не ги сака нив. Не ја пуштај дома и не примај ништо од неа“, рекла Клеопатра.

Михајловиќ помислил дека тоа е од извесна Марина со која се видел неколку пати и ја викнал дома. Еднаш ја видел како му носи поклон и веднаш влегол во кола за да побегне, но таа стигнала да му фрли пакет преку прозор. Во него имало многу замотани чворови од конци.

Гатачката имала уште неколку претсказанија:

„Твоите родители никогаш нема да се вратат во местото каде си роден“. (Борово, родното место на Михајловиќ се наоѓа во Вуковар каде се водеше жестока војна во '90-те)

„Некој во твоја фамилија ќе носи униформа“ (Брат му на Синиша станал полицаец).

„Ќе имаш многу деца, повеќе од четири. Но едно нема да живее со тебе“ (најстариот син на Синке, Марко живее со мајка му. Во брак со Италијанката Аријана Синиша доби пет деца).

„Ќе играш во Италија и ќе останеш таму долго“. (Михајловиќ одигра 14 години во Серија А каде ја почна тренерската кариера и каде последните 12 години работи во италијанските клубови со исклучок на 6 месеци селектор на Србија и 2 недели тренер на Спортинг Лисабон).

„На 50 години многу ќе се разболеш. Но ќе се справиш, а после ќе имаш голем успех“. (На 50 години и 5 месеци на Синиша му беше дијагностицирана леукемија. Михајловиќ помина три фази на хемотерапија и пресадување на мозочна срцевина/срж и успешно се излечи).

МЛАДОСТА ВО ТРЕТА ЈУГОСЛОВЕНСКА ЛИГА

На 6 години ја добил првата фудбалска топка. Секое утро во 6 часот излегувал во двор и шутирал во металната врата од гаражата. Шутирал и пред да оди во школо и после часови.

Малиот Синиша му бил права ноќна мора на комшијата Драган кој секое сабајле доаѓал од ноќна смена и не можел да заспие од лупањето на малиот сосед.

„Синиша, ако не станеш професионален фудбалер, ништо не си направил во животот“, му викал Драган. 

Додека лежел во болница во Италија ја читал книгата на Андре Агаси во која тенисерот раскажал дека по 2.500 пати на ден го удирал топчето. Синиша во својата биографија вели:

„Јас шутирав по 8 пати во минути, 480 шута за еден час. Тренирав минимум 3 часа дневно и имав околу 1.440 шута на ден, 10.080 неделно, 43.200 месечно, 518.400 годишно. Мила мајко... Можев со затворени очи да погодам гол“.

Во 1991 година со Црвена Звезда стана европски шампион откако го освои Купот на европски шампиони. Еднаш го донел трофејот дома и го држел над глава пред гаражата.

ПРВИТЕ ФУДБАЛСКИ ЧЕКОРИ: ГО ГОНЕЛЕ, НАУЧИЛ ДА ВРАЌА УДАРИ

На тренинзи во ФК Борово го викнал тамошниот физиотерапевт кога Синиша имал 17 години. Кога видел дека постарите играчи одат на масажи решил и тој да проба. После пола час се го болело и имал модрици уште неколку дена.

„Дојде со тие долги локни и бебешко лице. Што требаше да правам - да масирам бебе на кое уште мајчиното млеко на уста не му се исушило?! Направив така за веќе никогаш да не се вратиш“, му кажал после многу години физиотерапевтот. 

„Огненото крштевање“ Синке го имал кога на терен здогледал еден стар другар со кого порано играл во младинци. Тој другар три пати го удрил јако по нога, а Михајловиќ не сфаќал што е работата: „Се познаваме, ало, зошто ми правиш вака“? -Затни се и играј!, му одговорил другарот.

„Аха, така значи“, помислил Михајловиќ и во еден следен напад со лакт силно во дуел го удрил другар му. Му го скршил носот и крв имало на сите страни. „Сега ти затни се и играј, гомно едно!“.

Од трибините истрчал таткото на повредениот играч и урлал: „Што му направи на син ми!?“. Влегле и десетина бесни навивачи кои сакале да го линчуваат Михајловиќ. Но соиграчите го довлекле до соблекувална и го спасиле.

Капитенот на противничката екипа кога се вратил на терен му покажал палец на Синиша: „Мајсторе, така се игра“. „И така станав еден од нив“, се сеќава Михајловиќ.

Најмногу ќотек на терен изел од извесен Симек кој играл за Спарта. На еден натпревар Борово - Спарта на гостите им требала победа за пласман во втора лига, а на домаќините триумф за трето место и пласман во бараж.

Синиша во првите 15 минути постојано бил удиран од Симек а во една прилика брзо го поминал и постигнал убав гол.

„Трчав брзо и шутнав со затворени очи. Дури и после шутот продолжив да трчам надвор од теренот. Топката влезе во гол, а соиграчите ми честитаа. Мислев дека е толку со мене. Сакав да барам измена ама не знаев како. Симек, кој беше дупло постар од мене ми пријде и ми рече: „Уште еднаш ако шутнеш, ќе завршиш со фудбал“.

„Тие дуели беа како војна. Еднаш еден соиграч ми рече полека со него (Симек), лани ми искрши нога, удира како мотка“. На 18 години веќе бил спремен, искален за професионален фудбал. Толку ќотек добил во трета лига што бил ојачан за сите предизвици. „Научив да се бранам и да бидам лош, да провоцирам прв. Да го навредувам противникот за да го извадам од контрола. Да се изживувам со него. Играв против такви покварењаци што веќе не се плашев од ништо. После во прва лига ми беше како влез во бутик“

СТАНАЛ НАЈПОПУЛАРЕН ФУДБАЛЕР ВО ЈУГОСЛАВИЈА, КОГА СЕ ВРАЌАЛ ВО БОРОВО ТОЛПА НАРОД ГО ЧЕКАЛА

Во 1989-та Михајловиќ ја освои првата историска шампионска титула со Војводина, а во 1991 стана европски првак со Црвена Звезда. 

„Земјата постепено ја фаќаше граѓанска војна, но ние спортистите живеевме во свој свет скоро до крајот на 1992-ра. Особено во Белград. Не мислевме на политика, нè интересираше само спорт. Затоа не се чудете што тој период ми е многу драг.

Ставете се на мое место: 22 години, убав, млад, богат, популарен, многу блиски другари, ме ценеа секаде и ме штитеа од опасни луѓе. Играв за омилениот клуб, навивачите ме обожаваа, освоив сè што можеше“.

Месеци после историското славје во Бари живеел како во рајот. „Не ми даваа да потрошам ни динар. Во продавници, ресторани, бутици, секаде ме служеа бесплатно“, раскажува Синиша Михајловиќ.

На секои два месеци ги кречеле ходниците во зградата каде што живеел. Цели ѕидови биле ишарани со броеви на девојки. Михајловиќ бил царот на Белград во тој период.

„Секретарката на Црвена звезда ме викаше Барби, имав долга коса. Светот како да беше мој, каде и да одев ме пречекуваа како да дошле Битлси, како рок ѕвезда“.

Еднаш му го украле скапоценото BMW 320 и тој раскажал за тоа во емисија во живо. Следниот ден лоповите му го вратиле автомобилот пред зграда со натпис: „Добар ден Синиша. Извини, ние ја вративме колата“. Не знаевме дека е твоја. Го сменивме стаклото што го скршивме. Прости ни“.

ДРУГАР ОД ДЕТСТВОТО МУ СЕ ЗАКАНУВАЛ ДЕКА ЌЕ МУ ГИ УБИЕ РОДИТЕЛИТЕ, А ПОСЛЕ ГИ СПАСИЛ

Во 1991-ва година пред финалето на Купот на Југославија меѓу Црвена Звезда и Хајдук, на Михајловиќ му пришол грубијанот Игор Штимац: „Се молам нашите да ти ја убијат фамилијата“.

Мајка му на Синиша е Хрватка а татко му Србин. Кога Михајловиќ го викнале во војска за време на мобилизација, тој ја прашал мајка му што да се пише: Хрвати сме или Срби? -Ти си Југословен, му одговорила мајка му. Така и напишал.

На крајот од '80-те години ситуацијата во земјата станала напната. Во родното место на Михајловиќ негов другар Хрват држел кафе бар. Кога Синиша се вратил во родното место отишол да се поздрави, ама другар му не му пружил рака.

„Пакувај сè што имаш, оди и не враќај се. Не сакам да те видам. Во мојот бар нема место за Срби“, му рекол.

Кога почнала војната, Михајловиќ бил на Ибица, славел пехар од Куп на европски шампиони со соиграчите. На телевизија видел вести дека почнало пукање и и се јавил на мајка му. Разговорот го прекинувале истрели во позадина.

„Мамо, намали го тонот од телевизорот, хрчи нешто“. 

-Синиша, не е телевизорот. Пукаат кон нашата куќа.
„Кој пука?!
-Не знам, викаат почна војна, му одговорила мајка му.

Синиша им предложил на родителите итно да се преселат од Вуковар во Белград, но татко му бил против. Рекол дека не направил никому лошо и не сака да остави сè во родното место. Но наскоро морале да спакуваат што можат зошто веќе било многу опасно и побегнале во главниот град на Србија.

На пат кон Белград мајка му му се јавила и плачела по телефон: „Пипе! Пипе беше!“

Пипе му бил добар другар на Синиша од детство, комшија, повеќе од брат. Тој еднаш во воениот виор вооружен дошол дома кај родителите на Михајловиќ и им рекол дека мора да се пакуваат. Следниот ден се вратил со уште двајца вооружени војници. Почнал да пука во сликата на Синиша. Не помогнало ни плачењето. „Ви реков да се пакувате!“.

Михајловиќи се спакувале а после неколку дена хрватската војска им ја урнала куќата.

„Не бев бесен додека слушав мајка ми како ми раскажува. Просто не можев да поверувам. Пипе, златно дете, така да се смени, да влезе со оружје кај моите родители? Да ми го минира и запали домот. Осум години не можев да сфатам што се случило“.

Во 1999-та година Синиша и Пипе се сретнале пак.

„Тоа беше единствен начин да ги спасам, Синиша. И себе и твоите родители. Сите во Борово знаеа дека сме другари. Морав да држам до наредбите иначе ќе ме прогласеа за предавник, за другар на Србите и ќе ме убиеа. Пробав твоите да ги убедам да си одат, но морав да ги бркам за да послушаат. Пукав во твојата слика за да не пукаат во мене. Ми рекоа рушете ја куќата со луѓе или без. Не барам од тебе да ме разбереш. Само да ми простиш“, му рекол Пипе.

„Му простив, го прегрнав и му заблагодарив...“

(I дел)

Продолжува...