И Роналдо доби награда, ама ја чекаше како да е Путин

Кристијано Роналдо синоќа беше прогласен за трет најдобар фудбалер во светот на церемонија во Париз каде не се појави. Истовремено во Милано се одржуваше друга церемонија на која се појави, ама не како што се очекуваше или како што тоа го прават сите други.

Асоцијацијата на италијански фудбалери по деветти пат организираше гала вечер во Милано за најдобрите во Серија А за изминатата сезона.

За најдобар играч беше прогласен Кристијано Роналдо кој постигна 21 гол за Јуве и го освои Скудетото. Најдобар тренер е Гасперини, а најдобар тим Аталанта. Во топ 11 избрани се Хандановиќ, Кансело, Кулибали, Кјелини, Коларов, Барела, Пјаниќ, Иличиќ, Роналдо, Ѕапата и Кваљарела.

Но она што е спорно во целата ситуација е чудниот начин на кој Португалецот учествувал на овој настан. Италијанските новинари известуваат дека тој за време на церемонијата бил во кола по што излегол и се качил на бина дури откако го повикале да ја подигне МВП наградата, а околу него еден куп телохранители кои се обиделе да ги оддалечат камерите.

Медиумите го искритикуваа овој невообичаен потег на мега ѕвездата, а Кориере дело Спорт дури отиде и со следниов наслов: Да не е претседател на држава?

Роналдо не се појави ниту лани на церемониите на ФИФА и Франс Фудбал кога Лука Модриќ ги собра наградите за најдобар на годината, а најдобриот за 2018-та не само што се појави и в раце му ја врачи Златната топка на Меси, туку напиша и нешто плус кое очигледно не важи за оние со силно его.

3 декември 2019 - 15:52