И Оскар од Челси падна во искушение за Кина

Иако има неполни 25 години и е на врвот од кариерата, Бразилецот Оскар го голтна мамецот од Кина вреден 60 милиони фунти и ризикува остатокот од светот да не ја следи неговата кариера ако замине на далечниот исток. Што е негативна страна на трансферот во Кина?

Дидие Дрогба зборувал дека во Кина го сметале за реинкарнација на некое древно божество. Го нарекле Семоќниот и тој вели дека секогаш ќе ја памети реакцијата на своето прво појавување на тренинг во Шангај Шенхуа каде во „лов на богатство“ беше и Никлас Анелка. И двајцата беа пред заоѓање на кариерата, но уште беа недостижни за соиграчите од екипата.

Што и да се очекува од Кина чија што фудбалска репрезентација се појави на едно Светско првенство во 2002 година, ги загуби сите три меча, не даде ниту еден гол и во моментов е 83-та земја на ранг листата на ФИФА- веднаш зад Антигва-Барбуда и Фарски Острови кои според популација се колку еден од градските реони на Шангај. Македонија е 162-ра.

Кога Грациано Пеле премина во Шандонг Луненг, еден од кинеските новинари објавил интервју со него во кое италијанскиот фудбалер вели: „Да, потпишав договор со фудбалски клуб тука во Кина“. Не знаел ниту како се вика клубот правилно.

Но тоа нема да му смета за две и пол години да заработи 34 милиони фунти или 260.000 фунти неделно со што е еден од петте најскапо платени фудбалери на светот. Во Шандонг не сметале многу дека има едно „л“ повеќе во презимето.

Го паметите Жунињо во Мидлзборо во ’90-те години? Неговиот трансфер беше пресврт за англискиот фудбал, Бразилецот беше најскапо платен играч, а неговиот соиграч Јан Оге Фертофт тогаш изјави: „Жунињо научи само три збора на англиски: пари, фала, довидување.“ Истото се случува сега и во Кина.

Поради тоа Рамирез годинава реши да премине во кинеската Супер лига иако беше на врвот од кариерата во Челси. Малиот од Рио сигурно не сонувал да стане играч на Цјансу Сунинг и да настапува во земјата чија репрезентација загуби од Сирија во квалификации за Мундијалот 2018.

Последен кој е во искушение да прифати астрономска понуда во Кина е Оскар. За него клуб од Шангај дава 60 милиони фунти, Бразилецот е спремен да прифати, но разочарување е како фудбалер на негова возраст нема желба да игра во најголемите светски клубови.

На 25 години тој во теорија треба да биде на врвот на својата кариера, па дури и ако смени клуб. Без оглед на тоа колку нули ќе има неговатаплата, тешко е да се замисли фудбалер од негов калибар да се задоволи самиот себе во лига која не е ниту блиску на пример на МЛС.

Можно е покрај парите фудбалерите да ги привлекува и нешто друго. Советниците на Руни кој летово доби страшна понуда од Кина биле да ја видат состојбата во тамошниот фудбал и рекле дека над суперлигата има црни облаци од наместени натпревари и подмитување.

Руни можеби се уште го памети мечот меѓу Манчестер Јунајтед и Шенжен пред почетокот на сезоната 2007-ма во Макао кога судиите на тој меч биле казнети со 100.000 хонгконгски долари (8.000 фунти) за превара при фрлањето на паричката пред мечот.

Разликата меѓу Руни и Оскар е во тоа што првиот е на заоѓање на кариерата, а другиот има уште најмалку 5-6 години врвен професионален фудбал и прерано му е да размислува за Кина.

Јаја Туре на пример, често го обвинуваат за алчност и лакомост - воглавном за тоа е крив неговиот агент којшто бара многу пари, но малку луѓе знаат дека фудбалерот на Манчестер Сити летово одбил понуда од 360.000 фунти неделно во Кина.

Просто сакал на 33 години уште да игра во квалитетна лига. Во Кина најдобрите играчи се платени со астрономски суми, но секој од нив би ви кажал дека од тој момент кога потпишале во Кина остатокот од светот престанал да обраќа внимание на нивната кариера. Прашајте ги на пример Лавеци, Халк, Фреди Гуарин, Џексон Мартинез или Демба Ба.