Хаосот во кој западна Мурињо ни крив ни должен

Иако важи за голем провокатор, Жозе во самиот финиш на денешното големо дерби Челси - Манчестер Јунајтед 2:2 не беше нималку крив за инцидентот кој го предизвика помошен тренер на домаќините.

Секунди го делеа Манчестер Јунајтед од голем пресврт против лидерот Челси. „Црвените ѓаволи“ губеа со 1:0 на полувреме по голот на Рудигер, но во вториот дел целосен пресврт направи Марсијал со два гола. Но трите бода не отидоа на „Олд Трафорд“ затоа што Рос Баркли израмни со гол во 90+6’ минута во судиското продолжение.

Кога Баркли го даде голот, Марко Јани, помошник тренер на Маурицио Сари, многу дрско и безобразно истрча на теренот пред клупата на Јунајтед и мавташе пред лицето на Жозе Мурињо.

Португалецот не можеше да ги истрпи провокациите на Јани па тргна да се пресмета со него. Тепачка спречија редарите.

Дел од навивачите на Челси го навредуваа Мурињо а тој им одговори со три прста - односно бројот на титули кои им ги донесе во Премиер лига.

„Што се случи на крајот? Да, јас можам да ви кажам колку беа одлични 97 минути игра а вие се концентрирате на инцидентот?

Не добив никакво уважување какво што заслужувам од навивачите на Челси, но тоа не е моја работа. Не можам да ја контролирам реакцијата на навивачите. Не сум лут. Што се однесува до инцидентот со помошникот на Сари, токму Сари прв дојде кај мене и ми кажа дека сè е во ред.

Неговиот помошник после мечот влезе во кабинетот на Сари и ми се извини. Му кажав дека заборавам на тоа, затоа што почуствував дека искрено сака да се извини. Јас сум допуштил многу грешки во кариерата и не го кривам за ништо. Се е готово, тој се извини, а јас го примив извинувањето“, рекол Мурињо после мечот.

***

Марко Јани има 36 години. Во 2013 ја завршил играчката кариера во најниската италијанска лига Серија Д.

Јани работел во Наполи како технички помошник на Сари а неговата улога во Челси гласи - втор асистент на главниот тренер.

Маурицио Сари на прес-конференцијата раскажал што се случувало после мечот: „Не видов што се случи на теренот. По натпреварот позборував со Жозе и сфатив дека сме згрешиле. Зборував со членот на мојот штаб и му реков да му се извини на Мурињо. Мислам дека темата е затворена тука.“

Манчестер Јунајтед нема победа на „Стемфорд Бриџ“ од есента 2012. Последната победа им датира уште од раководството на Сер Алекс Фергусон.

20 октомври 2018 - 18:31