Градоначалничката која после работа облекува копачки

Откако ја прочитавме приказната за девојкава, прво што сакавме да направиме е паралела, за тоа кој би можел во иста ваква улога да биде кај нас и ни текна на Беличанец како игра за Цементарница 55.

Таниа Банос од Шпанија е девојката која со оваа нејзина одлука ги сруши стереотипите меѓу политичарите кои обично сме навикнати да ги гледаме во црн костум, седнати во собрание, во кожна фотеља и во автомобил со затемнети стакла.

Со само 25 години таа е најмладата политичарка од Социјалистичката партија која успеа да ја симне од локалната власт Народната партија по два мандати владеење и да стане градоначалничка.

Ја води општината La Vall d'Uixó во Кастелон која има само 30.000 жители и доби простор во Марка каде обично се пишува за Реал Мадрид. Ја побараа за интервју од многу разбирливи причини. Таа одлучи паралелно со градоначалничката кариера да игра и фудбал.

Член е на екипата Ла Вал во регионална лига, а минатиот викенд дебитираше со половина час игра. Кога клубот го најави најновото засилување за новата сезона се пофали на следниов начин: „Ни доаѓа градоначалничката“.

„Уште од детството сакам да играм фудбал и да можам секогаш би го правела тоа. Мило ми е што си го вратив хобито кое од секогаш сум го обожувала. Фудбал играв во парковите и на училиште, но потоа како што растев немав каде да настапувам бидејќи во Ла Вал немаше женски клуб“.

Откако изминатото коло Таниа го облече дресот на локалниот тим ќе се обиде во согласност со работните обврски колку што е можно повеќе да биде дел од тимот и да тренира барем три пати неделно.

„Тренинзите за време на неделата е според мене уживање и мислам дека ќе можам да доаѓам од 20:30 часот. Фудбалот ме релаксира. Мислам дека е многу важно да се исклучам од работните обврски, да го исклучам и телефонот и да се посветам на спорт. Сметам дека тоа е многу здраво и дека срамота е што во моите тинејџерски години немаше женски клубови. Ќе продолжев уште тогаш да играм доколку имаше. Жал ми е и за родителите кои не ги пуштаат своите ќерки да тренираат фудбал поради стереотипи“, вели Банос која следниот викенд ќе се обиде да стигне до дебитантски гол.

2 ноември 2016 - 15:44