Господин Дурасел ја заврши богатата кариера

36-годишниот Дирк Кајт на најдобар можен начин се прости од фудбалот откако со хет-трик во последното коло му донесе титула на саканиот Феенорд после цели 18 години.

Прв професионален клуб во долгата кариера на еден од првите модерни крилни напаѓачи во Европа бил Утрехт. Таму Дирк Кајт дал 66 гола, го освоил Купот на Холандија и преминал во Феенорд за 1 милион евра.

Клубот од Ротердам во него нашол замена за Пјер ван Хојдонк.

Во Феенорд Кајт стана еден од најефикасните напаѓачи во Холандија: 22 гола во првата сезона, дури 36 во втората и 25 во третата сезона.

По три неверојатни сезони се пресели на Енфилд Роуд. Ливерпул го купи Холанѓанецот во 2006-та година за 9 милиони евра.

Уште во првата сезона во новиот клуб Дирк Кајт стигна до финалето на Лигата на шампионите каде постигна ефектен гол против Милан. На крајот „Црвените“ загубија од Италијанците.

Европското 2008-ма стана првиот голем турнир во репрезентативната кариера на Дирк Кајт. Во првиот меч против Италија тој намести два гола. На дуелот против Русија играше од почеток но го заменија.

Во април 2011-та Арсенал и Ливерпул го одиграа можеби најдраматичниот меч од основањето на Премиер лигата. Поради повредата на Џејми Карагер, судијата го продолжи мечот 10 минути. Во 98-ма ван Перси од пенал му донесе водство на Арсенал, а четири минути подоцна од пенал израмни Кајт.

Холанѓанецот кој од класичен напаѓач стана модерно крило кај Рафа Бенитез, во Ливерпул мина 6 година и постигна повеќе од 70 гола. Притоа никогаш не го сметаа за ѕвезда во Премиер лигата, но тој се прослави како играч кој ги решава дуелите во финишот.

Во финалето на Лига Купот 2012, Ливерпул на пенали го совлада Кардиф, а Кајт го даде решавачкиот. Тоа беше негов последен трофеј во дресот на Ливерпул.

Во летото истата година Дирк за 1 милион евра се пресели во Фенербахче и уште во првата сезона во Турција ја освои титулата.

Во 2014-та, 33-годишниот Кајт беше еден од највозрасните фудбалери на Светското првенство во Бразил. На Мундијалот играше повеќе во средниот ред отколку во нападот и стана вистинско откритие во ефикасната Холандија.

Минатата недела Феенорд стана шампион на Холандија после 18 години. Во последното коло му требаше победа за титула а му ја донесе Кајт со хет-трик против Хераклес за еуфорија во цел Ротердам.