Голот на Антиќ против Ман. Сити кој во Лутон уште се памети

За преубавата кариера на Радомир Антиќ во Шпанија се знае многу, но ретко кој слушнал дека Ради, како што го викаа во Англија, го спасил Лутон од испаѓање против Манчестер Сити.

Србинот имал 17-годишна играчка кариера. Воглавно како бек настапувал за Слобода Ужице, Партизан, Фаенербахче, Сарагоса и Лутон Таун.

Токму во англискиот клуб ги поминал последните 4 сезони од својата кариера (1980-1984). За „шапкарите“ од градот на југо-истокот од Аанглија со околу 215.000 жители Антиќ одиграл 100 меча и постигнал 4 гола. Од тие 4, еден бил злато вреден.

Се играло последно коло од сезоната 1982/1983 во тогашната Прва дивизија на англискиот фудбал. Лутон му гостувал на Манчестер Сити на легендарниот стадион „Мејн Роуд“ каде денес се наоѓа модерниот „Етихад“.

На Сити му бил потребен само бод за да опстане во лигата, а за таков подвиг на Лутон му играле само победа и два бода колку што се доделувале тогаш за триумф.

„Шапкарите“ ја имале убедливо најслабата одбрана, но во ситуација кога се играло за „гол живот“, морале да нападнат во Манчестер.

Сити се бранел успешно цел натпрвар но на 5 минути пред крајот после еден центаршут, Радомир Антиќ натрчува на одбиена топка и со лева нога ја тресе мрежата за историска победа и спас во лигата. 

Навивачите на Лутон до денес не го забораваат харизматичниот Ради, кој во понеделникот на 6 април почина во Мадрид.

„Тажни сме и погодени од сознанието дека легендата на Лутон почина во 72. година. Прав херој на Хатерси“, пишува на страната на Лутон Таун.

7 април 2020 - 14:09