Фудбалер на Бордо пропуштил месец дена поради компликации со пресадување брада

Некој пресадува коса, некој прави разни естетски интервенции, а еден познат фудбалер во Франција решил да пресадува брада на места каде што не му растела. И се зезнал.

Стандардниот фудбалер на француски Бордо, Јунус Санкаре не одиграл три важни натпревари иако не е ни повреден ни суспендиран.

Како што пренесува францускиот Sud Ouet, 29-годишниот Санкаре имал промашена трансплантација на брада поради која добил инфекција.

Санкаре е по потекло од Сенегал, игра во средниот ред, а во Франција едно време бил и во младинците на ПСЖ кој го позајмувал во Рем и Диџоне. Подоцна се преселил во Генгам и Лил кој го продаде на Бордо пред две години за 3 милиони евра.

Важи за добар играч кој има преку 350 натпревари и 41 гол во Лига 1.

Сезонава е првотимец во екипата предводена од Бедуе. Настапил на 29 меча и дал 3 гола во сите натпреварувања.

Но од 17 февруари го нема на теренот затоа што имал грозница и треска поради лоша естетска интервенција: лошо му пресадиле брада на една приватна клиника поради која се инфицирал.