Југословенскиот наставник, пријател и полицаец

Фудбалскиот свет вчера му испрати последен поздрав на легендарниот Вујадин Бошков кој почина на 82 години. Посебен простор доби во италијанскиот печат, најмногу поради успесите со Сампдорија, како и со неговиот посебен смисол за хумор.

Во Италија ги водеше екипите на Асколи, Рома, Наполи и Перуџа, но со него се радуваа навивачите на Сампдорија каде освои 5 трофеи, меѓу кои најдрагоцено им е Скудетото во 1991 година, единствено во нивната историја.

Силната Сампдорија во тоа време беше предводена од Манчини, Виали, Катанец, Паљука, но во финалето од Лигата на шампиони во 1992 година немаше сили да ја сруши Барселона која славеше минимално со топовскиот удар на Роналд Куман.

Поранешниот играч и селектор на Југославија со својот уникатен италијански јазик и бисерите кои ги редеше, правеше вистинско шоу пред камерите по секој натпреавр во Серија А.

- Ако победиме тогаш сме победници, ако загубиме сме губитници.

- Мислам дека за да се постигне гол, потребно е да се шутира во гол.

- По дождот доаѓа сонце.

- Бадијала и да сме 15 играчи ако сите се бутнати во шеснаесетник.

- Нема потреба да држам диета. Секогаш кога ќе влезам на стадионот „Мараси“ слабеам по три кила.

- Мислам дека твојата глава е добра, само за да носиш капа.

- Големите играчи гледаат автопати, додека другите само патеки.

- Пенал е кога ќе го свирне судијата.

- Кога топката е кај нас играме ние, кога е кај нив играат тие.

- Подобро да се загуби еден натпревар 6:0, отколку шест натпревари по 1:0.

- Топката влегува  во гол кога ќе посака Господ.

- Тренерот истовремено треба да биде наставник, пријател и полицаец.

- Пердомо може да игра фудбал само со моето куче кај мене во двор.

- Гулит е како срна која излегува од шумата.

- Бени Карбоне со свои финти не ги збунува само противниците, туку и соиграчите.

28 април 2014 - 13:06