Фалкао го урна сонот на баскиската гордост

Лига Европа доби нов владетел. Тоа е Радамел Фалкао кој со двата гола на финалето против Атлетик Билбао, по втор пат стана најдобар стрелец и заедно со Диего го одведоа својот тим до трофејот од ова натпреварување.

Гордоста на Баскија, екипата на Атлетик Билбао сонуваше за првиот трофеј од своето второ финале, но фудбалерите на Марсело Биелса немаа лек за несопирливиот Радамел Фалкао кој е најзаслужен за петтата европска титула на Атлетико Мадрид.

Почетната иницијатива на финалето на Националната арена во Букурешт, фудбалерите на Атлетико Мадрид ја крунисаа со гол уште во 7-та минута. Фалкао прими топка на десната страна од шестнаесетникот и со прекрасен и прецизен удар во спротивниот горен агол го совлада немоќниот Ираизоз.

Водството на Атлетико ја натера екипата на Билбао да тргне во напад. Првата сериозна шанса за Баскијците ја имаше Љоренте кој во 19-та минута биеше крај голот, а во 24-та минута голманот Куртоа го одбрани ударот на Муниаин.

Во 34-та минута веќе беше 2:0 за Атлетико Мадрид и повторно стрелец беше Радамел Фалкао. Туран убаво го проигра Фалкао пред голот, а тој маестрално се ослободи и по втор пат ја затресе мрежата на Билбао.

Ова беше 12-ти гол за Фалкао со што тој повторно стана најдобар стрелец на Лига Европа. Минатата сезона тој постигна 17 голови или вкупно 29 на исто толку одиграни натпревари.

Марсело Биелса направи две измени во својот состав уште на стартот од второто полувреме, но овој потег не ги даде посакуваните резултати.

Фудбалерите на Атлетик Билбао ја имаа иницијативата и креираа шанси, но не успеваа да го најдат патот до мрежата на Куртоа.

По еден час игра Биелса ја направи и третата измена и тргна на се или ништо и Баскијците направија силен притисок кон противничкиот гол.

Но оваа отворена игра на Билбао се покажа како фатална за Билбао. Фудбалерите од Мадрид внимателно ја контролираа играта и се закануваа преку контра напади, а при една таква шанса на десет минути пред крајот Фалкао можеше да постигне хет-трик, но ја погоди само стативата.

По само пет минути Диего стави точка на финалето. Дефанзивците на Билбао му оставија премногу простор, а Бразилецот тоа одлично го искористи, се проби покрај тројца и го постави конечниот резултат на финалето од Лига Европа во Букурешт. Атлетико Мадрид - Атлетик Билбао 3:0.

9 мај 2012 - 22:39