Ех, животе, Никола Калиниќ

И така, додека светот ги слави хрватските момци кои вложија надчовечки напори да влезат во финале, еден фудбалер што допатува со нив во Русија (ќе простите на речникот), ама сега си гризе од газот.

Хрватската фудбалска репрезентација имаше ѓаволски тешки квалификации. Пласманот на Светско им висеше на конец затоа што ги чекаше директен дуел со главниот ривал Украина за место кое води во баражот. И тоа во Киев, пред 60.000 гледачи.

Две недели по мизерното реми 1:1 со Финска дома, Хрватите го сменија омразениот селектор Анте Чачиќ и поставија човек за кој знаеше само фудбалската, не и пошироката јавност - Златко Далиќ. Познавачите на приликите во хрватскиот фудбал зборуваа дека Далиќ имал тешка задача да ја врати довербата кај играчите кои биле скептични кон него.

Но Хрватска не случајно важи за фудбалска велесила. Пред клучното гостување во Киев, многумина се присетија на мечот од баражот за Европско 2012 кога со 0:3 ја прегазија Турција среде Истанбул.

По слично сценарио, „коцкестите“ се прошетаа низ Киев, ги совладаа Украинците на Шевченко со 0:2 и обезбедија место во баражот. А на последното скалило им се најде секогаш незгодната Грција но и нив ги декласираа со вкупен резултат 4:1 и удрија печат на визата за Светско 2018.

За парадоксот на приказнава да биде поголем, Калиниќ на тој меч беше стрелец на гол а плус врз него беше направен и пенал.

А таму, во првото коло ги чекаше Нигерија. По 71’ минути игра, Хрватска водеше 2:0 а на пет минути пред крајот селекторот Далиќ на клупата се свртел кон Никола Калиниќ и му рекол да се спреми да влезе во игра. Центарфорот на Милан кој имаше очајна сезона, уште на подготовките за Светското поставувал услови и барал да биде прв напаѓач пред Ребиќ и Крамариќ, одбил и рекол дека има болки во грбот.

Откако медицинската служба на репрезентацијата потврдила дека Калиниќ бил максимално спремен и здрав, селекторот Далиќ без размислување и без многу ука-бука го избрка од базата. „Никола Калиниќ веќе е на пат кон аеродромот“, рече Златко Далиќ.

Калиниќ се вратил дома а неговите довчерашни соиграчи ги завратија ракавите и по ред „ги одраа“ Аргентина, Исланд, Данска, Русија и Англија и се пласираа во историско финале на Светско - со сигурност најголем успех во историјата на земјата која има околу 4,2 милиони жители и е една од најмалите држави заедно со Уругвај која дала финалист на Мундијал.

Хрватите сега ги слави целиот свет. Сите им признаваат за борбеноста, за неверојатниот карактер, за војничката дисциплина и најубавиот фудбал кој го играше една селекција во Русија. Во хрватските градови владее потполна лудница и еуфорија каква што немало никогаш. Само Никола Калиниќ, човекот кој можеше да биде дел од историјата за која ќе се пишуваат книги, е сам и може да си „касне од газот“ зошто егото го стави пред тимскиот дух.