Ебате политиката ебате

Тензијата меѓу Азербејџан и Ерменија која трае неколку децении придонесе еден од најдобрите играчи на Арсенал и сигурно да го пропушти епското финале на Лига Европа против Челси.

Она што се најавуваше, се случи. Хенрик Мхитарјан нема да патува во главниот град на Азербејџан, Баку, каде ќе се игра финалето на Лига Европа.

Политичките тензии меѓу земјата од која потекнува плејмејкерот на „топџиите“ и земјата домаќин на ЛЕ го принудија Арсенал да се откаже од надежите дека ќе го има одличниот фудбалер во финалето. Преку официјално соопштение, тимот од северен Лондон ја соопшти конечната одлука:

„Ги разгледавме до крај сите можни опции според кои Мхитарјан би можел да биде дел од екипата, но откако дискутиравме за ова со играчот и со неговото семејство, се сложивме заеднички дека Хенрик нема да биде дел од нашата експедиција во Баку. Ѝ пишавме на УЕФА на која ѝ ја образложивме нашата загриженост за ова: Мхитарјан беше наш клучен играч за пласманот во финале и ова е голема загуба за нас. Многу сме разочарани и од фактот дека играч може да пропушти големо европско финале, настан кој се случува ретко во целата кариера, поради ситуации како оваа“.

МОТИВИТЕ ЗА КОНФЛИКТОТ ЕРМЕНИЈА - АЗЕРБЕЈЏАН

Не е првпат најдобриот ерменски фудбалер на сите времиња да се соочи со ваква незгодна ситуација. Некогашниот играч од средниот ред на Борусија Дортмунд, во 2015 година додека играше за германскиот клуб, не отпатува на гостувањето кај Кабала.

Истото му се случи и сезонава во фазата по групи од Лига Европа. Ждрепката одлучи Арсенал да се падне во група со азербејџанскиот клуб Карабак и фудбалерот роден во 1989 година остана во Лондон.

Сè поради конфликтот за контрола на регионот Нагорно-Карабах којшто се ноаѓа меѓу Азербејџан и Ерменија и за кој и двете држави тврдат дека имаат право на поседување.

Во 1991 година имаше и вооружен конфликт а регионот тогаш прогласи независност. Воениот судир одземал неколку животи а многу војници и цивили биле ранети.

МХИТАРЈАН Е РАЗОЧАРАН

Ерменскиот репрезентативец против кој нашата репрезентација играше во неколку наврати изјави дека е многу разочаран од развојот на настаните.

На својот Инстаграм профил Мхитарјан напишал:

„Откако ги разгледав сите опции во случајот, решивме да ја донесеме најтешката одлука за мене, да не патувам со екипата на финалето во Лига Европа. На нас фудбалерите не ни се случува често да не играме поради вакви случки и многу ми е тешко што нема да истрчам на теренот. Ќе навивам за моите другари! Да го донесат трофејот дома!“

 

ПОЗИЦИЈАТА НА АЗЕРБЕЈЏАН

Откако се огласи Арсенал, властите во Азербејџан се потрудија да ги осигураат клубот и фудбалерот дека ќе им гарантираат безбедност. Портпаролот на министерството за надворешни работи на Азербејџан, Лејла Абдулаева рекла:

„Мхитарјан може да го игра финалето на Лига Европа во Баку, без разлика на тешките односи меѓу Азербејџан и Ерменија. Нашата земја веќе беше домаќин на многу спортисти од Ерменија и немало проблем. Не треба да се меша политиката во спортот, мора да останат раздвоени“, рекла Абдулаева.

Гаранции за Мхитарјан стигнале и од генералниот секретар на фудбалската федерација на Азербејџам, Елхан Мамедов.

„Властите во Азербејџан и гарантираат на УЕФА за безбедноста на Мхитарјан. Играчот нема да има никакви сигурносни проблеми во Азербејџан“.

НАВИВАЧИТЕ НА АРСЕНАЛ СЕ БЕСНИ

Одлуката на клубот да се одрекне од услугите на најважниот фудбалер во тимот не ја примиле добро навивачите кои протестираа на социјалните мрежи.

„Арсенал да го бојкотира финалето на Лига Европа би ме направил погорд отколку да го освои“, напишал еден а друг додал:

„Ако Мхитарјан не може да игра, солуцијата е проста. Мечот треба да се пресели во друга земја. Ако УЕФА инсистира да се игра таму, тогаш треба да се бојкотира мечот“.