Избледено лале

Е мој Франк Де Бур

По само неколку недели беше избркан од Интер а сега го сруши и негативниот рекорд по кусиот престој во англиската Премиер лига. Два тешки пада за човекот кој во Ајакс практикуваше тотален фудбал од неговите претходници Кројф и Михелс.

Пред само една година Франк де Бур го нарекуваа специјалист способен да го врати Интер на славните патеки. По оставката од италијанскиот клуб Холанѓанецот го избркаа од Кристал Палас.

Тренерската кариера на Франк де Бур започна фантастично во матичниот Ајакс. Поранешниот бек на репрезентацијата на Холандија умешно го водеше родниот клуб до три шампионски титули.

До неговото назначување тимот од холандската престолнина цели 7 години не му се израдува на златниот пехар и титулата. Како што седна Де Бур така Ајакс направи шампионски хет-трик. Но потоа „Копјаниците“ два пати му го предадоа пехарот на лутиот ривал ПСВ Ајндховен и Де Бур дал оставка.

Во тоа време Де Бур го пратеше репутација на амбициозен и перспективен тренер за кого се заинтересираа многу клубови. Прв до неговиот потпис стигна Интер кој скудето нема освоено од фамозната триплета и кој доби кинески инвеститори.

Франк де Бур беше должен да ги склопи коцките за шампионскиот тим со класни играчи.

Не поминаа ни три месеци а наставникот беше избркан од класот поради неприфатливи резултати. Под негово раководство Интер играше мизерен фудбал со очајни 14 бода во дури 11 кола од Серија А. Претрпеа два порази во три меча од Лига Европа со него.

Холанѓанецот во градот на модата се задржа само 84 дена што е најкраток престој на тренер во историјата на клубот. По италијанското фијаско следуваа шест месеци тренерски застој. Франк де Бур одби да стане селектор на Холандија и сакаше да ја продолжи клупската кариера. Во јуни летово потпиша договор со Кристал Палас кој настапува во англиската Премиер лига од 2013/2014 и постојано е во средината таблица.

При тоа нападот го предводи еден класен напаѓач од типот на Кристијан Бентеке и перспективата на Челси Рубен Лофтус-Чик кој игра во тандем со талентираниот Вилфред Заха.

Но и покрај тоа Франк де Бур не се снајде ниту во Лондон. Не издржа ниту три месеци. Кристал Палас ги загуби сите четири од четири меча во Премиер лига без неговиот тим да даде ниту еден гол (гол-разлика 0:7). Тоа е најлошиот старт во Премиер лигата во последните 93 години! Франк де Бур седеше на клупата на Палас само 78 дена што е нов анти-рекорд во Премиер лигата.

Ова е втора експресна оставка во кариерата на Де Бур во последните година дена. Во Интер го избркаа после 85 дена на 1. ноември 2016-та после 14 меча (11 меча во Серија А, 4 победи, 2 нерешени и 5 порази со гол разлика 13:14 и 3 меча во Лига Европа 1 победа и 2 порази со гол разлика 2:5).

Чудно за човекот кој 15-годишната играчка кариера ја помина во Ајакс и Барселона и не знаеше за друг фудбал освен за оној најубавиот, тоталниот. Во Ајакс тој го продолжи делото на своите познати претходници Ринус Михелс и Јохан Кројф. Неговата екипа играше комбинациска игра со висок процент на посед на топка и пресинг на противничко поле.

Неговите идеи тој се обидел да ги исползува во Интер и неодамна во Кристал Палас но и во Англија и во Италија не ги разбрале неговите тактички намери. Останува да се види како ќе се движи неговата кариера по два сериозни и тешки пада.