Џентлменско заминување на Гатузо од Валенсија во негов стил

Ќе речеш премногу темпераментен, кавгаџија, груб и со играчите, тренерите, новинарите. Ама има и една особина, незабележлива кај неговите колеги по која се двои.

„Фудбалот ми даде многу повеќе, отколку што му дадов јас нему“, гласи една позната фраза на Џенаро Гатузо.

Како треба да се протолкува, односно како мангупот возвраќа на тоа? Со дела.

Соработката со Валенсија му заврши по само седум месеци, откако не успеа да им донесе резултати. Се наоѓаат на 14. позиција на само бод до испаѓање.

Без разлика на неговиот неславен престој на Местаља, со управата на клубот се разделиле пријателски и се договориле за спогодбено раскинување на договорот.

И не само само, туку популарниот Рино одлучил да се откаже од платата која му следува сè до крајот на договорот. На заминување им се заблагодари на сите:

„Благодарност до вас новинарите за разбирањето во овие седум месеци додека бев тука. Благодарност до навивачите, тие секогаш ја полнат и ќе ја полнат Местаља и навистина жалам за тоа што се случи, но таков е животот. Му посакувам среќа на мојот наследник Воро, ќе има тешка задача, но тој е храбар, исто како и мојот тим. Решивме да се разделиме со клубот во мирни околности и со голем респект. Напред Валенсија, ова е многу голем клуб, градот е неверојатен. Ви посакувам среќа на сите, ви благодарам за гостопримството во овие седум месеци“.

Ова е најновиот гест од низата по која италијанскиот стратег веќе стана препознатлив. Постои листа на исти или слични вакви потези на вреди да се потсетиме.

Едноставно тој е пример дека фудбалот треба да се работи со страст и љубов, а не за милионски суми на кои веќе не им се знае границата.

- Додека беше тренер на грчкиот клуб ОФИ од Крит, од свој џеб им исплати осум плати на играчите со најмали примања

- За време на кризата на Пиза, како тренер и помогна финансиски на управата, а пред клубот да банкротира купуваше храна и ги развозуваше фудбалерите по завршување на тренинзите.

- Кога си замина од Милан се откажа од 5,5 милиони евра кои му следуваа со раскинот на договорот со едно барање кое не сакал ни случајно да биде спорно за решавање:

„Ќе треба да им ги дадете сите плати на моите соработници од следниве две години кои им следуваат. Тоа се пари кои ќе им служат на тие професионалци за опстанок. Ако јас не најдам друг тренерски ангажман, тие ќе останат без работа, а јас тоа не сакам да го дозволам“.

- Кога го водеше Наполи купи амбулантно возило за потребите во борбата со коронавирусот и се откажа од дел од платата за да му излезе во пресрет на клубот.

Тоа е Џенаро Гатузо.

1 февруари 2023 - 10:20