Детето кое стана најмлад стрелец на Јунајтед во еврокупови и ги спаси од срам

После малиот Фати од Барса кој од коло во коло руши некакви рекорди, сега дојде ред и на Мејсон Гринвуд, 17-годишниот бисер на Манчестер Јунајтед кој го постигна победничкиот гол против Астана на „Олд Трафорд“ во Лига Европа.

Оле Гунар Солскјер реши да експериментира со составот во 1. коло од групната фаза во ЛЕ, па на терен истрчаа Гринвуд (17), Ејнџел Гомез (19) и Тахит Чонг (19). На евронатпревар Манчестер не пуштил волку тинејџери уште од 2009 година кога во игра беа Македа, Велбек и бекот Рафаел.

Тимот од Казахстан синоќа се држеше одлично до средината од вториот дел. Манчестер имаше 20:3 во удари со 7:0 во рамки на голот, но мрежата ја затресе дури во 73’ минута благодарение на сјајниот продор на Мејсон Гринвуд кој прими една топка и направи дар мар.

„Изгледаше како Ван Перси некогаш“, изјави Овен Харгрејвс во студио за малиот Гринвуд.

Овој гол беше единствен на мечот и му донесе на Јунајтед 3 бода на старт од Лига Европа како и парична награда од УЕФА.

Мејсон Гринвуд во Јунајтед е од свои 6 години. Ова беше негов прв гол за сениорскиот состав.

Со 17 годин и 353 дена Гринвуд и официјално стана најмладиот стрелец за Манчестер Јунајтед во историјата на еврокуповите. Претходно рекордот го држеше Маркус Рашфорд, а далеку пред него беше Џорџ Бест.

Гринвуд е и првиот играч роден во 2000-те кој постигнал гол за Јунајтед. Во март годинава тој стана најмладиот дебитант за Јунајтед во ЛШ кога влезе од клупата за резерви против ПСЖ. После пар денови Гринвуд дебитираше и во Премиер лига, но таму рекордот беспрекорно го држи Ејнџел Гомез.

Оле Гунар Солскјер после мечот поделил комплименти за талентот: „Секогаш знаевме дека ова дете е еден од најдобрите финишери во нашиот напад. Треба само да му дадете топка во реон на шеснаесетникот и нешто ќе се случи. Тој ќе биде многу важен играч за нас сезонава“.

Летово многу се чудеа кога Манчестер реши да го пушти Ромелу Лукаку во Интер и остана со еден резервен напаѓач после Рашфорд и Марсијал. Но 17-годишниот Гринвуд веќе покажува дека ќе биде сериозна опција. Во Премиер лига досега сезонава одигра 47 минути на 4 натпревари вкупно, а Солскјер вели дека ќе му дава повеќе време за игра.