Де Лаурентис се отвора, Наполи ќе пазари како никогаш

Наполитанците летово се хиперактивни на трансфер пазарот. Потпишаа со еден од најдобрите дефанзивци во Европа Костас Манолас, а пред потпис се и со Хамез Родригез, Ирвинг Лозано и Икарди. Навивачите се чудат што му стана на Аурелио.

Де Лаурентис не забегал, туку финансиски го закрепна клубот кој летово бара само топ играчи. Наполитанците немаат долгови па сериозно конкурираат на пазарот.

А и спортскиот сектор им работи одлично, па така голем дел од парите потрошени на Манолас ги вратија со продажбата на Диавара во Рома за 21 милион евра. Верди и Руи веројатно ќе одат во пакет во Торино за 35-40 милиони, а Наполи треба да заработи и од Винисиус и Инглезе кои не одиграа ни минута, а се пред потпис со Монако и Парма. Првиот ќе ја наполни клупската каса за 10-15 милиони евра, а вториот веројатно 25 милиони.

Во меѓувреме Икарди, Хамез и Лозано не се само сон, туку и реалност.

Колумбиецот е најблиску до „Сан Паоло“. Затоа официјалниот Твитер акаунт на Наполи синоќа го објави постерот на легендарниот вестерн филм 3:10 to Yuma од 1957 година. Во 2007 година режисерот Џејмс Менголд направи римејк на овој филм со Расел Кроу и Кристијан Бејл.

Сижето на филмот е како несреќниот фармер и воен ветеран Дан Еванс оди во лов на одметникот Бен Вејд. Поентата на Наполи е дека тие се „во лов“ на Хамез Родригез и другите ѕверки, а загадката вели и дека:

1. Columbia Pictures - името на земјата од која доаѓа Хамез
2. Еден од прекарите на Хамез Родригез е бандит (el Bandito)
3. Режисерот на филмот се вика Џејмс (James)
4. Во филмот главниот бандит е Бен Вејд, но во оригиналната новела на Елмор Леонард тој е Џејмс (James) Кид.

Слоганот на филмот е: „Времето чека еден човек“.

Претседателот на Наполи, Аурелио Де Лаурентис ако некој не знаел или заборавил, се прослави како режисер и продуцент.

Неговата компанија Filmauro има богата историја, затоа што чичко му Дино го продуцирал „Кинг-Конг“, „Конан Варваринот“ и „Ханибал“. А братучедот на Аурелио го смислил серијалот Гомора.

Во 2016 година после продажбата на Игуаин во Јувентус, Аурелио сакал да го израдува градот со Мауро Икарди, па на капитенот на Интер му понудил улога за него и за сопругата Ванд Нара.

Освен тоа, Де Лаурентис веќе правеше изненадувања за навивачите. Во летото 2011 година дојде на прес конференција со играч кој носеше маска од лав и дрес од Наполи. Кога се сврте и го покажа бројот на дресот, јасно беше дека тоа е Гокхан Инлер од Удинезе:

КОЛКУ Е СИГУРЕН ХАМЕЗ?

Колумбиецот е главната трансфер мета на Наполитанците летово. Реал после многу трошење сака да надомести од продажба, а Наполи го бара на позајмица со право на откуп. Условите на Реал се 40-50 милиони евра веднаш за трансфер, а Наполитанците даваат 7-10 милиони сега и 30 милиони за откуп на договорот следното лето.

Целата зделка ја забрзуваат и менаџерот на Хамез, Жорже Мендеш и adidas. Хамез е еден од главните промотери на оваа марка за Јужна Америка, а тренерот Анчелоти му нуди гарантирано место во прв тим.

Адидас би можел да го помогне трансферот затоа што Наполи полека бега од Kappa - Де Лаурентис веќе им дозволил на неколку играч да потпишат лични договори со адидас а наскоро би можел да го облече и целиот тим во опрема од оваа фирма.

За Хамез наводно е заинтересиран и Атлетико Мадрид, но тешко е за верување дека „јорганџиите“ ќе се решат за трансфер особено откако дадоа 120 милиони евра за Жоао Феликс.

8 јули 2019 - 12:01