Да се случело ова на Балкан, ќе разберевме, ама во Австралија?

Фудбалската федерација на една толку уредена земја во која „тече мед и млеко“ не сакала да ги плаќа помошниците на селекторот Берт Ван Марвејк кој пред осум години стигна до финале на Светско првенство.

Берт ван Марвејк е познат холандски тренер. Во јануари годинава стана селектор на Австралија откако „кенгурите“ обезбедија пласман на Светско првенство со поранешниот селектор Енџ Постекоглу кој даде оставка поради лоши односи со раководството на федерацијата.

А неколку недели претходно ван Марвејк ја однесе Саудиска Арабија на Светско 2018 но замина од таму од исти причини како Постекоглу од Австралија.

„Јас сакам да одам на турнирот зошто за тоа се борев две години наназад. Но никому нема да дозволам да ми кажува како да работам. Таму (во Саудиска Арабија) се ипостави дека успехот имал многу татковци. Приметив дека по пласманот на Светско многу луѓе почнаа да зборуваат за репрезентацијата и да се врзуваат себе за неа. Освен тоа по пласманот на Мундијалот отпуштија неколку членови од мојот стручен штаб. За мене тоа е недопустливо“, изјави Ван Марвејк на прашањето зошто си отишол по така голем успех.

Холанѓанецот важи за голем стручњак. Како селектор на Холандија стигна до финалето на Светско 2010 кога едвај изгуби од Шпанија со гол во продолженијата (Иниеста даде на пет минути пред пеналите). На следниот турнир - Европско 2012 Холанѓаните со Ван Марвејк ги изгубија сите три меча во групата па тој доби отказ и шест месеци работеше во Хамбургер каде го отпуштија затоа што не можеше да го спаси давеникот од зоната на испаѓање.

Потоа се врати на своето омилено место селектор на репрезентација, ја однесе Саудиска Арабија на Светско 2018 но таму,, парадоксално, ќе оди како водич на една друга селекција.

Во стручниот штаб на репрезентацијата на оваа земја тој донел осум холандски асистенти и аналитичари меѓу кои Марк ван Бомел, Рул Куманс, Јирген Диркс и Тако ван дер Велде. Но се испоставило дека Австралиската федерација не била спремна да им плаќа за нивната работа.

Берт ван Марвејк, селектор на Австралија

И тогаш селекторот Ван Марвејк кој зема 1 милион австралиски долари според договорот, ги зел обврските врз себе и решил да ги плаќа своите помошници.

„Кога морам да ја спремам екипата за така кратко време, морам да работам со луѓе кои ме знаат. Тие знаат како работам, знаат како сакам да работам, знаат како сакам да играм. Би сакал да работам со австралиски стручњаци но потребно е време да се запознаеме едни со други а јас немам време. Моите помошници се должни да ме гледаат во очи, треба да знаат што имам во видот. Не можам да си дозволам проблем во комуникацијата“, објаснил Ван Марвејк зошто решил да ги задржи своите сонародници.

Австралија ќе игра во група со Франција (16 јуни), Данска (21 јуни) и Перу (26 јуни).