Да не купиш ниеден играч и да стигнеш до финале - како му успеа на Почетино?

Тотенхем - Ајакс беше најголемиот андердог пар во едно полуфинале откако се игра ЛШ. Ајакс последен пат во 1/2 финале на ЛШ играше во минатиот век, а Тотенхем пред цели 57 години назад кога Лига на шампиони се викаше Куп на европски шампиони.

И Тотенхем и Ајакс ги победија најголемите фаворити за освојување на титулата (амстердамци дури два од нив). И двата клуба живеат во поинаква финансиска реалност во споредба со екипите за кои оваа фаза е стандардна задача во сезоната.

Интересно, и во Лондон и во Амстердам минатото лето се носеле важни одлуки.

Ајакс јасно стави до знаење дека сезонава нема да ги продава младите ѕвезди - Дони ван де Бек, Матјас де Лихт и Френки де Јонг. Клубот се откажа од првичниот модел и на една цела година го сочува костурот на екипата (не успеа да го задржи само Клајверт-помладиот кој по секоја цена сакаше да си оди од клубот).

Трансферите на Душан Тадиќ, Дејли Блинд и 35-годишниот Клас-Јан Хунтелар даваа тон на зрелост и искуство и знаеме оваа комбинација што донесе сезонава. Чудо.

Тотенхем веќе влезе во историјата и тоа како прв клуб во Премиер лигата кој не потпишал никој цело лето и цела зима (овој трансфер прозор беше воведен во 2003-та). Во јануари месец годинава Тотенхем ништо не испазари.

Последен трансфер на клубот му беше Лукас Мура кој дојде од ПСЖ на 31 јануари 2018-та година.

За цели пет години во Тотенхем, Маурицио Почетино му донесе стабилност на клубот, иако не освои ништо, чудото кое го направи со пласман во финале на Лига на шампиони без купен играч година ипол дена е големо.

ПРИНЦИПИТЕ НА ПОЧЕТИНО

„Што поизразен стил на игра имате, толку е потешко да направите трансфер. Играчот треба да ви донесе нешто што ви фали, или подобро воопшто никој не потпишувајте“, објаснува Поч во книгата Brave New World: Inside Pochettino’s Spurs.

Аргентинецот кој својот занает од мал го учел од легендарниот Марсело Бјелса, во Тотенхем дојде во 2014 година. Разликата меѓу купени и продадени играчи во 10 преодни рока му е - минус 19 милиони фунти. Да не напоменуваме колкава е разликата на ПСЖ, Јувентус, Ливерпул, Реал и Барселона.

Најмногу пари Тотенхем во 2017 потрошил на Сон (27 милиони ), Муса Сисоко (31,5) и Дависон Санчез (36).

Што има Почетино на ум кога зборува за стилот на игра? Негово главне барање е физичката спремност. Тој не сака мрзливи играчи. Затоа Емануел Адебајор немаше шанса.

Појавувањето на Маурисио во Премиер лига не беше гласно проследено (тогашниот капитен на Саутемптон Адам Лалана признал дека го гуглал презимето на новиот тренер). Но пресингот кој Поч го играше прво во „Сотон“ па во „Тотнем“ ја покори Англија.

Лидерот на тој Саутемптон, Рики Ламберт раскажал дека после првиот тренинг на Почетино со екипата, му пришол и побарал од него да не им дава на играчите многу тешки физички напорни вежби. Аргентинецот одговорил „Да, без проблем, разбирам“. Си дале рака и Ламберт отишол во соблекувална. Следниот понеделник наместо 12 круга трчале 24.

„Плачев додека трчав“, се сеќава Рики.

Еден од главните елементи на тренинзите на Тотенхем денес е - играчите да играат на поголем терен. Мора да бидат спремни да покриваат поголеми пространства.

КАКО ТОА ДА НЕ КУПАТ НИШТО НА ПАЗАРОТ?

Тотенхем година и неколку месеци е без трансер, но наивно е да се мисли дека клубот воопшто не се обидувал. Се споменуваа Рос Баркли, тинејџерот на Фулам Рајан Сесењон, ѕвездата на Астон Вила Џек Грилиш, Вилфред Заха од Палас. Но не договорија ниту еден од нив. Баркли одбрал да остане во Челси, Вила за Грилиш барала повеќе од 30 милиони фунти и сите останале на свое место.

За сево ова јавноста го кривеше Даниел Леви, претседателот на Тотенхем и човек со репутација на најтешкиот преговарач во англискиот фудбал кој не дал ниту фенинг повеќе од планираното.

Но од друга страна треба да се сфати ваквата политика затоа што Тотенхем изгради ултра модерен и луксузен стадион кој според оценките на Sky Sports вредел скоро милијарда фунти.

Почетино во една изјава се надоврза и на Арсенал кој има потешкотии во Премиер лигата поради тоа што многу пари потрошија на новиот стадион „Емирати“ во втората половина на 2000-те.

ТОТЕНХЕМ НАЈМАЛКУ ОД ЦЕЛА ТОП 6-КА ТРОШИ НА ПЛАТИ

Клубот од северен Лондон три сезони по ред финишира во Топ4 на Премиер лига и игра во Лига на шампиони. Притоа клубот ги плаќа играчите значително помалку од конкурентите. Тоа е многу важен показател, обично нивото на плати е несомнено поврзан со местото на табела.

Во финансискиот извештај на УЕФА за 2017, на табелата со 20 најплатени играчи, Тотенхем е на 14-то место (148 милиони евра годишно за плати). Лондонскиот клуб по висината на плати е некаде со Лестер и Кристал Палас.

А Манчестер Сити годишно за плати на играчи дава 429 милиони фунти, Јунајтед 343 милиони фунти, Челси 325 милиони фунти, Ливерпул 316 милиони, Арсенал 248 милиони, Евертон 181 милион фунти. Тотенхем сезонава на плати троши 161 милион.

Во последните две години нови договори со Тотнем потпишале: Киран Трипиер, Бен Дејвис, Деле Али, Ерик Ламела, Сон и Хари Кејн. Нешто порано потпишаа Ерик Даер и Уго Лорис. Во првиот тим прекомандувале младинци.

Во вакви услови на трансфер политика, последните години приоритет на Почетино е да ги задржи најдобрите фудбалери.

Во мај лани Почетино го продолжи договорот до 2023-та година и стана еден од тројцата најплатени тренери во Премиер лигата. Така Даниел Леви ги одбил нападите од Реал и Манчестер Јунајтед. Пред неколку недели нов договор потпиша и Хари Кејн. Бомбардерот на Спарс признал дека тоа е голем импулс за него и дека со нетрпение ја чека новата сезона.

Хари заработува меѓу 150.000 и 200.000 фунти неделно (тоа е помалку од Алексис Санчез, Месут Озил и Пол Погба).

Единствено нешто што прави немир во управата на Тотенхем е статусот на Кристијан Ериксен. Платата на Данецот кој има 59 асистенции во првите 200 меча во Премиер лигата, објективно заработува многу малку - 67.000 фунти неделно (малку во споредба со сите други). Кристијан има уште една година од договорот, а тој веќе одбил 3 понуди за продолжување.

ПОЧЕТИНО МУДРО ГИ КРПИ ДУПКИТЕ - ЕКИПАТА ПОБЕДИ 5/5 БЕЗ КЕЈН

Ако од темите за плати се вратиме на теренот, една од најдобрите карактеристики на Маурисио е паметно користење на ресурсите. Во тоа му помагаат универзалните играчи (Али одамна не е чист полушпиц, како во првата сезона во Премиер лига, а Вертонген најдобрите мечеви сезонава ги имаше како лев бек).

Почетино знае да управува со криза.

Пример за тоа? Поради повреди Тотенхем остана без клучните играчи во среден ред Даер - Дембеле, а наместо нив Почетино неочекувано ги спари Винкс - Сисоко.

И вака Тотенхем победи 5 од 5 натпревари и тоа без Хари Кејн. Во Лига на шампиони го живот ги враќаше 34-годишниот Фернандо Љоренте со кого Почетино ризикуваше: против Сити во реваншот секој тренер наместо повредениот Сисоко би ставил трет стопер, а не статичен и робусен напаѓач.

Тотенхем ќе игра во финалето на Лига на шампиони и скоро сигурно ќе заврши во првата четворка на Премиер лига (играат претежно дома до крајот). 

Не се знае дали Почетино ќе тргне по патот на Јирген Клоп кој 100-те милиони за Погба ги нарече безумие, а минатото лето направи рекорден трансфер за голманот Алисон. Ваков каков што е, Тотенхем со Почетино и Почетино со Тотенхем е права фудбалска романтика која и тоа како фалеше меѓу бескурпулозните милијардери.