Чудо во Санкт Петербург, Зенит надомести 0-4 со победа од 8-1

Кога минатата недела Динамо Минск со 4-0 го прегази Зенит кој важи за еден од побогатите клубови во Европа, тоа беше сензација на колото во Лига Европа. Вечерва рускиот состав надомести 4-0 и тоа со играч помалку и во продолженијата ги постави конечните 8-1!

Сензационалната победа на Динамо Минск минатата недела ја честиташе и белорускиот претседател Лукашенко. Белорускиот претставник беше сигурен во пласман во следната фаза зошто четири гола за надоместување се огромни. Веќе планираа сместување во градот на новиот противник во плејофот.

Но така не мислеше и Зенит под водство на новиот тренер, довчерашниот фудбалер Сергеј Семак.

По 20-ина минути игра домаќинот не доби два чисти пенали, но не се предаде и во 22’ минута поведе 1-0 преку Леандро Паредес.  И така се отиде на полувремето. Во вториот дел, до 66’ минута немаше гол и кога изгледаше дека Динамо Минск ќе ја сочува огромната предност, почна канонадата.

Прво Нобоа зголеми на 2-0 но стрелецот на првиот гол Паредес му донесе нови маки на својот тим со втор жолт и црвен картон во 72’ минута. Тогаш на сцена стапи високиот горостас на руската репрезентација Артем Дѕујба со голови во 75’ и 79’ минута и Зенит имаше 4-0, доволни за продолженија.

А во продолженијата Јахаија во 99’ минута намалува на 4-1 што само го разгневи Зенит кој во рок од 10 минути постигнува 4 гола: Дриуси 109’, Дзјуба од пенал во 115’ за хет-трик, Мак од пенал во 120’ и 121’.

После овој подвиг УЕФА би требало да размисли на Зенит да му го додели трофејот во Лига Европа без да се игра групна и нокаут фаза.