Берлускони му се враќа на фудбалот, ќе купува третолигаш

Поранешниот претседател на Милан го продаде клубот на кинески бизнисмени во април минатата година и заедно со неговата десна рака Галијани се повлекоа од „Сан Сиро“. Сега сакаат да се вратат во фудбалот.

По бледата изборна кампања и слабите резултати со својата политичка партија Forza Italia, Берлускони решил да се врати онаму каде редеше успеси.

Како што соопшти новинарот на Sky, Пепе Ди Стефано, Берлускони и Галијани веќе се во завршна фаза на преговори со семејството Коломбо коешто е сопственик на третолигашот Монца (Серија Ц).

Овие гласини ги потврдил и поранешниот потпретседател на Милан Адриано Галијани.

„Иако ништо не е решено, Монца безусловно е нашата најромантична идеја по продажбата на Милан. Претседателот Берлускони живее на три километри од Монца, а јас сум роден и израснав во тој град. Таму и почнав да го учам занаетот за фудбалски директор“, изјавил Дон Адриано.

Целта на двајцата им е да ја издигнат Монца во кремот на италијанскиот фудбал а потоа и во еврокуповите. Првенството во Серија Ц се уште не е почнато затоа што Италијанската фудбалска федерација уште не направила распоред на пријавените екипи. Се очекува шампионатот да започне во текот на месец септември.

6 септември 2018 - 16:58