Бен Арфа би играл фудбал и на Северен пол

Некогашниот најголем талент на францускиот фудбал и потенцијален наследник на Франк Рибери остана без клуб, откако ФИФА не го одобри неговиот трансфер во Ница.

Плановите на Хатем Бен Арфа во следните 18 месеци да игра за францускиот прволигаш Ница му пропаднаа. Причина за тоа е што ФИФА го блокираше трансферот, бидејќи Бен Арфа сезонава веќе настапуваше за два клуба и Ница би бил трет клуб во една сезона, што се коси со правилата.
 
Арфа (27) ја почна сезоната во дресот на Њукасл, а тимот од Сент Џејмс парк потоа го позајми во Хал Сити, по што сега му преостанува да заигра во земјите каде уште трае преодниот рок (Русија, САД, Белорусија, Кина) или да ја чека новата сезона. Французинот ги негираше наводите дека ќе се пензионирал од активно играње фудбал.
 
„Денес завршив со Ница, иако тоа можеби не е засекогаш. Сакам да им се заблагодарам на сите тука, за сè што направија за мене. Многу ми е криво и жалам што не можам да играм за Ница, но понекогаш мора да ја прифатите ситуацијата и да продолжите напред. Во понеделникот ми беше многу тешко, но откако излегов на терен и истрчав, се почуствував подобро“, изјави Бен Арфа на денешната прес-конференција во клубот од Азурниот брег.

Њукасл се обиде да му помогне на Бен Арфа и до ФИФА испрати документација во која докажува дека тој играл само за Њукасл У21, а не и за првиот тим. Сепак тоа не ѝ беше доволно на ФИФА, затоа што и натпреварите на младинските категории се официјални и важат за професионални. Бен Арфа неславно ја заврши својата кариера на Островот, затоа што прво се скара со Алан Пардју во Њукасл, а потоа и со Стив Брус во Хал.
„Ќе се обидам да останам позитивен. Сега треба да видам што е најдобро за мојата иднина. Опција е и странство, а дали би одел во Русија? Па јас би отишол и на Северен пол само за да играм фудбал повторно. Не сакам да кажам дека ми е смачено од францускиот фудбал, затоа што овде има многу добри луѓе. Само сум разочаран“, констатираше Бен Арфа.
Лична Карта: Хатем Бен Арфа
Роден: На 7. март 1987 во Кламар, Франција
Позиција: Крило, крилен напаѓач
Број на дрес: 4
Кариера: Булоњ, Лион, Марсеј, Њукасл, Хал Сити, Ница
Репрезентација: Франција, настапи 13, голови 2.
 
3 февруари 2015 - 15:32