Барселона направи страшен тим, а има најлош старт во последните 25 години

Каталонскиот клуб уште еднаш го поткрепи аргументот дека не секогаш тим составен од ѕвезди може да стане успешен колектив.

Верувале или не, Барселона има 7 гостински меча по ред без победа. Со букви: седум меча.

Шампионот на Шпанија изгуби 2:0 на гостувањето кај Гранада која е најпријатно изненадување по воведните кола. И покрај тоа што најдобриот фудбалер на светот според многумина, Меси се врати на терен после подолга пауза, Гранада имаше повеќе удари на голот 4:1. Барселона само 1 во рамки на гол. Тоа не се памети.

Само 7 освоени бода на 5 натпревари е најлошиот старт на Барселона во последните 25 години. Последен пат така лошо (исто 7 бода на 5 меча) имале во сезоната 1994/1995 година кога тренер беше легендарниот Јохан Кројф.

Тогаш Барса заврши четврта во првенството и испадна во четвртфиналето од Лига на шампиони.

Избраниците на Ернесто Валверде немаат победа на 7 натпревари по ред - серијава започна уште во април кога последен пат се радуваа надвор од Камп Ноу и победија 0:2 против Селта во Виго. А ако се смета и поразот од Валенсија на неутрален терен, тогаш се стигнува до бројка од 8 меча без триумф на гости.

Првпат од 1998 година Барса не славела ниту една победа во првите четири гостински средби во сезоната. Тогаш во ’98-ма ги тренираше Луј Ван Гал.

Меѓу другото, Каталонците првпат за цели 10 години примаат 2 или повеќе гола на четири меча по ред во Ла Лига. Во пролетта 2009-та година таков период имаа со Гвардиола, но како што изминуваше сезоната ја креваа формата и го освоија првиот „требл“ во историјата (Лига на шампиони, Копа дел Реј и Ла Лига).

Посебна приказна е и формата на Антоан Гризман, светскиот шампион од 2018-та. Французинот веќе постигна 2 гола и има 3 асистенции, ама на гостински терен ниту еднаш не погодил во рамки на голот, а против Гранада беше ужасен: 0 дриблинзи и 0 создаени шанси за гол.

Навивачите веќе го губат трпението со Ернесто Валверде кој призна после поразот во Гранада дека ужасно играат на страна:

„Нашата игра ми прави неспокој. На гости не играме воопшто добро. Во последната фаза од нападот ни фали сила. Тоа се случи на натпреварите со Борусија, со Осасуна... Ќе се потрудиме да изгледа подобро. Јас преземам одговорност за тоа што се случи. Лошо водев, не заслуживме да победиме. Мора да му честитаме на противникот. Не победија а можеа и уште поубедливо“.

Барселона е 7 место и веќе заостанува 8 бода зад Реал и 10 бода зад Атлетико. Не дека е крај на сезоната, има уште многу да се игра, ама светлото за аларм на Камп Ноу трепка.