Австрискиот голман кој се разбудил како Германец

Wunderteam е називот на славната австриска фудбалска репрезентација која била страв и трепет во 30-те години во европскиот фудбал и која го имала подобриот стрелец и од Пеле. Нацистичкиот режим им го растура силниот тим и им го урива сонот.

Селекцијата на Австрија во тоа време практикувала шкотски стил на игра кој им го покажал Англичанецот Џими Хоган. Рецепт со кој во раните 30-ти години им успеал против најсилните тогашни фудбалски сили. Славеле високи победи од 6:0 против Германија, 8:2 против Унгарија, 4:2 против Италија.

Базирано на историски записи италијанскиот весник repubblica ја пренесува сторијата за австрискиот голман Рудолф Рафтл кој под присила морал да го промени репрезентативниот дрес.

„Ноќта на 11 март 1938 година заспав како Австриец, а кога се разбудив од мене направија Германец. Адолф Хитлер одржа референдум на 10 април 1938 година за соединување на Австрија со Германија. Седум дена претходно во Виена беше организиран и фудбалски натпревар  во таа чест на кој 60.000 гледачи дојдоа да ни кажат збогум. Тоа беше последниот меч на нашиот национален тим на кој успеавме и да славиме со 2:0. При постигнувањето на вториот гол, мојот колега Синделар отиде да прослави под трибината каде што беа германските војници. По девет месеци го пронајдоа мртов во својот дом заедно со партнерката. Велеа дека се работи за несреќа, но сепак тоа остана голема мистерија“, раскажува поранешниот голман.

Wunderteam го имале и најдобриот голгетер во тоа време Жозеф Бикан кој според податоците на аргентинскиот магазин El Gràfico, без головите од пријателските натпревари е втор најдобар стрелец во историјата на фудбалот со 759 погодоци, два повеќе од Пеле.

Популарниот напаѓач со прекар Пепи постигнал вкупно 1468 голови на сите натпреварувања во кариерата, а Меѓународната Федерација за Фудбалска Историја и Статистика го награди со „Златна топка“ како најдобар стрелец на 20 век.

„Како мал играше фудбал бос и затоа стана многу добар. На еден меч мајка му влета на терен и го натепа противничкиот играч со чадор кој му направи фаул. По распаѓањето на Австрија продолжи да настапува за Чехословачка“, вели Рафтл.

Оваа силна генерација на австриски фудбалери стигна до полуфиналето на Мундијалот во 1938 година, го освои сребрениот медал на Олимписките игри 1936, но не дочека уште едно светско првенство.

На Мундијалот во Италија 1938, Австрија требаше да настапи против Шведска, но натпреварот беше одложен затоа Австрија повеќе не постоеше. Девет австриски репрезентативци преминаа во германската селекција, меѓу нив и Рудолф Рафтл кој во 1994 година на 83 годишна возраст почина како Австриец.

28 март 2014 - 14:34