Ако Реал Мадрид стане шампион, Малага ќе се офајди со милион евра

Насловот на прва изгледа нелогичен и несфатлив, ама жива вистина е и поврзан е со еден договор вклучен меѓу двата клуба. На Барселона ништо друго не ти преостанува освен да ги мотивира противниците на Реал со нешто повеќе.

Може ли да се надева Барселона на најпосакуваното сценарио, а тоа победа над Еибар, пораз на Реал Мадрид од Малага и прославување на шампионската титула? НЕ, бидејќи такво нешто нема шанси да се случи во недела.

Има повеќе причини, а првата е што во касата на Малага ќе легнат 1 милион во евра, во случај Реал Мадрид да се радува на титулата. Е како тоа? Е така.

Кога Иско во 2013-та направи трансфер од Малага во Реал Мадрид вреден 27 милиони евра имаше и една клаузула во договорот која го обврзува Кралскиот клуб да и плаќа на Малага по милион евра за секоја освоена титула во домашното првенство во следните 5 години.

Кралевите по тој трансфер два пати го кренаа пехарот во Лига на шампиони, но во Шпанија немаат титула од 2012-та, затоа Малага уште не видела ниту евро од тие договорени пари.

Сега тимот на Зинедин Зидан е многу блиску до тој трофеј бидејќи со синоќешната победа на гостувањето против Селта ѝ избега на Барселона 3 бода.

Малага нема никакви мотиви да брка победа против Реал Мадрид бидејќи секако ќе завршат меѓу 11-то и 13-то место кое не води никаде, ем со пораз ќе заработат милион евра и ем за тренер го имаат Мишел кој го носеше дресот на Реал од 1982-ра до 1996-та.

„Реал Мадрид ќе биде шампион“, изјави стратегот на Малага по триумфот на неговиот тим над Барселона од 2:0 остварен на почетокот на Април.

Според пропозициите на Ла Лига секој клуб кој ќе заврши на првите 10 места на табелата добива по 600.000 евра. Малага заостанува 7 бода зад 10-то место, така што останува да одат на милионче, освен ако Барса не им понуди два или повеќе за победа.

18 мај 2017 - 13:26