Ајакс извади ново дете: најмладиот стрелец во клупската историја има 16 години

После 26 години рекордот на легендарниот Кларенс Сидорф како најмлад дебитант и стрелец во историјата на Ајакс, е срушен.

Детето од најдобрата фудбалска школа на светот - онаа на Ајакс Амстердам, се вика Рајан Гравенберх. Роден е на 16. мај 2002 година и од младинците на Ајакс (Јонг Ајакс) летово го прекомандувале во првиот тим.

Малиот чекаше шанса меѓу постарите соиграчи и ја дочека. Дебитираше на најголемото дерби во Холандија и тоа на најтешкото гостување, против ПСВ во Ајндховен каде неговиот Ајакс беше декласиран со 3:0 уште во првиот дел.

Во ситуација кога поразот беше неминовен откако ПСВ водеше 3:0 после 35 минути игра, во финишот од мечот, во 83’ минута на терен се појави голобрадото момче Рајан Гравенберх кој влезе наместо првотимецот Давид Нерес.

Со 16 години заигра на најголемото холандско вечно дерби. Само три дена по дебито, во меч од Купот против нисколигашот ХВВ Те Верве, малиот Гравенберх заигра од почеток и даде гол во убедливата победа на Ајакс од 0:7. Гравенберх го затвори мечот со погодок во 82’ минута и на тој начин стана најмладиот дебитант и најмладиот стрелец на гол во богатата историја на Ајакс.

Голот на 3:42 од видеото:

Денеска му честиташе и легендарниот Сидорф со пост на Инстаграм: