Аеропланино: Летот во Милано кој се чекаше четири години

Винченцо Монтела не најави ништо бидејќи дојде во период кога управата во преодниот рок не беше во можност да обезбеди ниту милион евра за засилувања. Сепак тој не кукаше, го консолидираше актуелниот играчи кадар, вметна уште неколку млади играчи и излезе на бојно поле.

Серија А без големиот Милан не беше истата Серија А од 90-те и почетокот на новиот милениум, тоа им е на сите јасно. Неочекуваното славје против Јувентус во саботата на Сан Сиро добро ги здрма не само Апенините, туку и цела фудбалска Европа која беше желна за голем резултат на славниот клуб од градот на модата.

Милан нема ниту приближно моќен тим каков што имаше пред само една деценија кога газеше сè со ред на стариот континент, но овој состав изгледа има победничка филозофија која се изгуби на почетокот од ова деценија. За такво нешто очигледно било потребно вистинско тренерско решение, некој кој добро знае како да им влезе на играчите под кожа, но не со сурова дисциплина и рестриктивни мерки, туку некој кој на вистински начин ќе знае во соблекувална да им стави до знаење на играчите дека од другата страна на теренот не постои подобар тим.

Баш таков беше како играч Винченцо Монтела, така сега игра и неговиот Милан, клуб за кој навиваше од мали нозе, иако никогаш не заигра за него. Гаѓаше од далеку кога сите му замеруваа дека нема шут од дистанца и дека добро се снаоѓа само од пет метри. Дури и тогаш кога сите во Рим ги гледаа Тоти и Батистута како богови, тој ја решеташе мрежата и беше подеднакво заслужен за освојување на Скудетото 2001 година.

Во Рим го обожаваа, а таму ја доби и првата шанса да се докаже како тренер. Сепак нестрпливите Римјани не му дадоа доволно простор да се докаже. Дојде во најлошиот можен момент, во период кога една раководна гарнитура си заминуваше, а друга доаѓаше и по само неколку месеци мораше да си замине од вечниот град.

Во нагорна линија работите му тргнаа на клупата на Катанија, потоа следеше премин во Фиорентина каде после три сезони доби отказ. Го повика Сампдорија каде се докажа како играч, а во јуни годинава го побараа во Милан, клуб кој не се одбива.

Навивачите беа рамнодушни бидејќи после неславните обиди на Сидорф, Инѕаги, Михајловиќ и Броки, веќе не очекуваа ништо. Монтела не најави ништо бидејќи дојде во период кога управата во преодниот рок не беше во можност да обезбеди ниту милион евра за засилувања. Сепак тој не кукаше, го консолидираше актуелниот играчи кадар, вметна уште неколку млади играчи и излезе на бојно поле.

Тргна со победа против Торино, следеше потоп на Сан Сиро, па понижување од Удинезе во Милано. Сепак тогаш се виде дека работите може да тргнат на добро. Освоија три бода во Џенова, па го победија Лацио на домашен терен. Се чини клучниот пресврт во главата на играчите се случи на неверојатниот меч против Сасуоло кога Росонерите од 1:3 се вратија во игра и успеаа да стигнат до пресврт од 4:3.

Дека е тимот во вистински ритам беше јасно во Верона каде го совладаа Киево со 1:3, но никој не можеше ни да помисли дека ќе следи тактичка перфекција против Јувентус, крунисата со фантастичниот гол на 18 годишниот Мануел Локатели.

„Монтела го сакавме уште пред две години, но тој е сега тука и драго ни е за тоа. Ние сме флексибилен тим со многу добри тренери. Сè функционира перфектно, не гледаме ниту еден проблем. Изгледа неверојатно, го победивме Јувентус благодарение на играчи родени 1998-ма и 1999-та година. Одбраната на Донарума ме потсети на тоа што Кристијан Абијати го направи против Перуџа во 1999-та кога го освоиме Скудетото. Тоа што го направи Локатели е легендарно, голот беше фантастичен. Никој во Европа нема играчи 1998-ма и 1999-то годиште во стартните 11“, изјави Адријано Галијани.

Сè што ова го прави Милан се коси со реалниот тек на работите, вложените пари, но и квалитетот на тимот, па нема сомнеж дека Монтела е пред сериозни искушенија. Добро за нив е што екипата не е оптеретена со игра на повеќе фронтови, па со доза на среќа може да се впушти во борбата за изле во Европа.

Сè останато би било рамно на сензација. Веќе вечерва од 20:45 имаат гостување во Џенова, а потоа следат наизглед лесни средби со Пескара и Палермо, па круна на таа низа ќе биде дербито со Интер на 20 ноември.

Последниот шампионски трофеј на Милан е од сезоната 2010/2011, а падот тргна од 2013/2014 кога завршија осми, па десетти, а минатата година беа седми на табела.

mozzartsport

25 октомври 2016 - 10:15