40 години Ла Масија, 40 години една и единствена филозофија на игра во светот

Контрола на топка, па пас, контрола на топка па пас. Кој тренирал таму, знае дека ова им го даваат за домашна на сите, а нас ни го раскажа лично татко му на Ренато, кој прв од Македонците после Бабунски имаше привилегија да стапне таму.

На 20 октомври 1979-та, Ла Масија им ги отвори вратите на 11 млади играчи, први на кои оваа школа ќе им стане втор дом. 40 години подоцна истиве играчи беа поканети на големиот јубилеј од формирањето.

По повод 40 години од своето постоење, клубот подготви програма со настани кои ќе се случуваат низ текот на сезоната, како и ново лого кое ќе се најде на дресовите на првиот тим и останатите.

Никој не можеше ни да замисли дека четири децении подоцна Ла Масија ќе биде тоа што е денес. Симбол на идентитет, еден од столбовите што ја идентификуваат Барселона како повеќе од клуб и бренд кој се смета како модел за академскиот тим на Барселона.

Школа за живот и спорт што создаде свој на начин на правење работи за личен и спортски развој на секое дете. Претходно беше само зграда и престој за фудбал. Сега е во согласност на спортската мисија на клубот, концепт кој порасна и опфаќа машки и женски младински фудбал, како и младински тимови во кошарка, ракомет, футсал.

Од 1979-та до 2009-та, 440 млади си заминаа од дома за да престојуваат во академијата. Половина од нив беа од Каталонија, а другите од многу други земји, како на пример 15 од Камерун, 7 од Бразил, 5 од Сенегал и 3 од Аргентина. Од тие 440, 40 влегоа во прв тим.

„Тој што поминал низ Ла Масија има нешто поразлично од останатите. Тоа е плус што доаѓа само од тоа што се натпреварување во дрес на Барселона“, ќе рече Пеп Гвардиола.

Мисијата на Барселона е 40 години успешна бидејќи станува збор за една филозофија, еден менталитет, кој се негува од дното до врвот на клубот. Филозофија која се состои од примена на тотален фудбал мешан со традиционалната шпанска игра, со еден допир позната како тики така.

Како што е познато целиот концепт е изум на генијалниот Јохан Кројф. Вкупниот фудбалски пристап бара од играчите брзо да ги менуваат позициите за постојано да се ослободуваат и да креираат мрежа од куси и брзи додавања. Со други зборови да му ја сокријат топката на противникот.

Често цитирана причина за успехот на Барселона е континуитет и посветеноста со која ја следи таа филозофија на додавање и движење. Прототип на клучен играч од среден ред за ваква игра беше Гвардиола, а потоа Чави и Иниеста.

Во 2010-та, Ла Масија стана првата академија која ги произведе тројцата финалисти на Златната топка во една година: Иниеста, Чави и Меси.

На 25 ноември 2012-та, Барселона за прв на терен имаше 11 играчи на првенствен меч, сите од сопствената школа: Виктор Валдес, Жорди Алба, Карлес Пујол, Џерард Пике, Монтоја, Бускетс, Чави, Иниеста, Цеск Фабрегас, Педро и Меси.

Шпанија на СП 2010 стана светски првак со седум играчи од Барселона, која ја имаше оваа рекордна бројка во финалето, што се нема случено никогаш претходно.

Во полуфиналето ја совладаа Германија, а нивниот селектор Јоаким Лев рече:

„Може да се забележи во секој пас како Шпанија игра исто како Барселона. Тешко може некој да ги совлада. Екстремно се сигурни во себе и многу мирни во начинот на кој ја вртат топката“.

Дел од најпознатиот расадник на таленти беше и Давид Бабунски во периодот од 2006-та и 2013-та, а во 2016-та таму тренираше и Ренато на само 7 години и тоа како награда за неговиот огромен успех на летниот камп на Барселона во Хрватска.

21 октомври 2019 - 15:41