11 пронајдени бомби на стадион каде ќе се игра СП 2018

„Арена Победа“ се наоѓа во Волгоград, а таму се воделе најголемите борби помеѓу Германските нацисти и Советскиот Сојуз кон крајот на 1942 година.

Во југозападниот руски град каде на местото на веќе постоечкиот почнува изградба на нов стадион за потребите на Мундијалот, градежните работници  откриле 11 неексплодирани бомби од Втората светска војна.

За време на војната во Волгоград, порано познат како Сталинград, Германија заедно со нејзините сојузници вршеле големи напади против СССР со цел да го контролираат градот.

Пронајдените остатоци од жестоките борби пред медиумите ги обелодени заменик-гувернерот на Волгоград.

„Во последните два месеци од уривањето на Централниот стадион, откриени се 11 гранати од Втората светска војна. Со оглед на големиот обем на неексплодирани направи, моравме внимателно да го провериме теренот за да се увериме дека сите бомби се отстранети. Убедени сме дека тоа го постигнавме и предвидено е работата да продолжи во последната недела од јануари.“, изјави Василиј Галушкин.

Новиот стадион „Арена Победа“ ќе биде изграден на поранешната страна на Централниот стадион и Мамаев Курган и на десниот брег на реката Волга.

Изградбата на стадионот ќе чини 190 милиони фунти и ќе има капацитет од 45.000 седишта, а се очекува да биде готов во ноември 2017 година.

30 декември 2014 - 18:07