Инфлуенсерите почнуваат да личат еден на друг

Зошто да бидеш ти, кога можеш да бидеш како сите популарни, убави луѓе како Кајли Џенер?

Инфлуенсерите на социјалните мрежи деновиве почнуваат да личат на клонови. Нели, полни усни, совршено извиени веѓи, стручно нанесен туш за очи, здрава доза хајлајтер и контури на образи. Само две-три четки, палета за контурирање и мат кармин те делат од изглед како на сите други.

Сепак, зошто се стремиме да изгледаме како сите?

Има неколку фактори што играат улога во ова, а меѓу нив и желбата да се вклопиш и тенденцијата да имитираш славни личности и други инфлуенсери.

Рејчел Вајнгартен - историчар на убавина, Рене Енгелн, професор по психологија и Др. Мајкл Брустајн, клинички психолог одговараат на прашањето.

На времето пред социјалните мрежи, како што објаснува Вајнгартен за Хафингтон Пост, нашите навики за убавина се дефинирани од фактори како географија и етничка припадност. На пример, ако живееш во одреден дел на Азија, користиш избелувачи на кожа, ако си живеел во Франција во 1700-та, си ја пудриш периката, итн.

„Изолирано било во време и простор, а можеби и под влијание на религија и убедувања,” вели таа, додавајќи дека кон крајот на 19-ти и почеток на 20-ти век, списанија почнуваат да им отвораат очи на луѓето.

„Но, главното влијание на убавина почнува во ’40-ти и ’50-ти, кога почнуваат да се појавуваат славни личности во списанија и тие стануваат идеали за убавина. Потоа, сите почнуваат нив да ги копираат.”

Благодарение на интернетот, луѓето веќе не мораат да патуваат за да видат трендови за убавина низ светот, ниту пак мораат да ги чекаат да стигнат до нив. За популарните трендови, дознаваме многу побрзо отколку во минатото и што е побитно - можеме да учествуваме во нив (пример, корејски трендови за убавина се шират низ Америка како вирус).

„Другата работа е што луѓето веќе не се јасно дефинирани по етничка припадност, по раса, дури ни по пол,” вели Вајнгартен. „Порано имаше едно чудно конформирање според овие параметри.” Односно, црнец си и имаш афро, да речеме.

Повеќе не мора така.

Сега имаме агресивна верзија на мултикултурниот бјути изглед, а ова се должи што оној познат Инстаграм изглед стои добро на било кој тон на кожа или националност. Во таа смисла, тој изглед е пристапен, и веројатно затоа толку многу луѓе на интернет се фаќаат за него.

Тоа би значело конформирање на тој изглед, а кога сме веќе кај тоа, луѓето едноставно сакаат да се вклопат. Еден начин за тоа, особено онлајн е да се моделираш според најпопуларните ликови на социјалните мрежи.

Славните, особено такви како Кајли Џенер која има зацементирано масовно следбеништво на својот Инстаграм-профил главно составен од селфиња, „вистински ги претставуваат трендовите за убавина,” според Енгелн. Брустајн се согласува, забележувајќи дека славните личности се огромна движечка сила на идеалите за убавина во општеството.

Во моментов, имаме нешто што се вика „Кардашијан ефект”, односно способноста на семејството Кардашијан да влијае на потрошувачките навики. Ако ја земеме за пример Кајли Џенер и нејзината вештачки креирана уста - толку многу млади луѓе збеснаа по тој изглед, што беа спремни физички да си наштетат, само за да стигнат до тоа. А нејзиното влијание во тој поглед ѝ помогна да креира империја вредна милијарди долари.

Филтрите и апликациите за манипулирање со фотографии се исто така фактор - не само што луѓето се средуваат да личат едни на други - ја користат и истата алатка за тоа.

Потоа, имаме козметички операции. Не се сите отворени на таа тема, ама сепак се повеќе луѓе се фаќаат за игли и филери - ви текнува, луѓето носеа слики од Снапчат и бараа така да ги оперираат.

Во основа, нема потреба да се срамиме од учествување или наоѓање утеха во моменталните трендови. Нема ништо лошо во тоа да сакаш да се вклопиш, но, како што објаснува Енгелн, кога постојано гледаме слики што се далеку од тоа како луѓето изгледаат во реалниот живот, тоа може да нè кошта на психолошко ниво.

„Не се работи само за тоа дека ќе видиш друг што изгледа совршено, па ќе ти биде криво,” вели таа. „Дури и личноста што ја објавува сликата мора да се помири со разликата меѓу таа слика и она што го гледа во огледало кога ќе се разбуди. Повеќето од нас не се будат така совршени.”

25 јуни 2019 - 17:28