Не им го оставајте јазикот на политичарите

Од една страна, шокантен е молкот на научните и образовните институции пред ваквите јазични политики во Македонија. Од друга страна, поединците кои ја обелоденуваат вистината се омаловажени и маргинализирани.

Денес, во Македонија, политичарите се однесуваат како да се овластени да судат, да расудуваат и да одлучуваат за македонскиот јазик. Политичарите во Македонија:

- носат одлуки во име на лингвистите и во име на народот;

- прават рестриктивни дефиниции на македонскиот јазик, неговото потекло и неговата историја;

- го релативизираат идентитетот на македонскиот јазик со тезата дека самите Македонци не го зборуваат правилно и се јазично полуписмени, наместо да преземаат мерки за подобрување на јазичната култура и образование (а, со наставните планови, се предвидени само 2 часа седмично за образование по македонски јазик и книжевност!!!, за албанската популација ни тоа не важи!);

- ја негираат улогата на македонската дијаспора;

- одбиваат да спомнат, јасно и гласно, дека во соседна Грција живее македонско население чијшто мајчин јазик е македонскиот;

- го ревидираат статусот на македонскиот јазик како државен/национален (според категориите на ЕУ Повелбата), следствено задолжителен за сите граѓани на Македонија;

- го маргинализираат и го санкционираат македонскиот јазик, обврзувајќи ги македонските граѓани и институции да го користат албанскиот на цела територија на РМ;

- поддржуваат буџети со коишто веќе 10 години НИТУ ЕДЕН нов научен проект не е поддржан во областа на македонскиот јазик, а во 15 години САМО ЕДЕН нов научен работник е вработен во Институтот за македонски јазик (затоа има околу 1500 вработени во Секретаријатот за спроведување на ОД, инаку одамна спроведен!);

- не ја поддржуваат финансиски работата во лингвистичките атласи (европскиот и општословенскиот);

- не ја ратификуваат ЕУ Повелбата за регионални и малцински јазици, иако таа поволно би влијаела врз јазичните политики во државава...

Од една страна, шокантен е молкот на научните и образовните институции пред ваквите јазични политики во Македонија. Од друга страна, поединците кои ја обелоденуваат вистината се омаловажени и маргинализирани.

Соочени со големи искушенија и заблуди, станавме жртви на специјални облици на колонизација.
Да се биде свесен значи да се биде буден!
Да се биде буден значи да се дејствува!
Ќе се разбудиме ли, конечно, од мечкиниот сон?

Катица Ќулафкова, академик

15 март 2019 - 12:08