Македонија крената на две нозе

Лесно се навлекува човек како нас на читање судски пресуди од нашиве јуристички вукојебини (за последната "Багра" види овде). Просто му даваат драгоцен увид со што уствари се занимава Македонија додека тој копа по Гардијани и Атлантици. Прајслес. Препорачуваме да читате и вие, да не се правите утре изненадени од некои изборни резултати, некои ТВ рејтинзи и слично.

Ова е од Основниот во Виница. Казната е условна а случајот едноставен. Овој давал отпор на цајкани па притоа и му скинал ракав на едниот жандар.

Ок.

Но, како воопшто дошло до таа ситуација? Еве вака:

На 1.6.2013 год. околу 17 часот тој, под дејство на алкохол односно со присуство на алкохол во организмот од 1,82 промили, качен на коњ и во рацете држејки картонска кутија во која имало ставено неколку кокошки, дошол на Бул. „Маршал Тито“ во Виница, пред кафе барот „К.“. Пред овој и соседните кафичи се наоѓале повеќе млади лица, кои почнале да го задеваат   обвинетиот, кој качен на коњот се движел неконтролирано по коловозот од булеварот, извикувајки „Напред Македонијо“, со што го попречувал нормалното одвивање на сообраќајот. Притоа, присутните лица му аплаудирале и го поттикнувале коњот да го крене на две нозе.

Нели, а?

************

Еве ја и интегралната верзија на оваа туга:

28.04.2016   К-72/15

ВО ИМЕТО НА ГРАЃАНИТЕ НА

РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА

            Основниот суд Виница, преку Претседателот на советот судијата Љубчо Прокопенко и судии поротници Лазар Лазаров и Васка Николова, како членови на советот, со записничар Ј. С., во кривичниот предмет по обвинителниот акт на ОЈО - Кочани, Ко.бр. 223/13 од 9.10.2013 год. против обвинетиот Бранко Пешов од В., за кр. дело „Спречување на службено лице во вршење на службено дејствие“ од чл. 382 ст. 3 в.в. со ст. 1 и в.в. со чл. 19 од КЗ, во присуство на застапникот на обвинението ОЈО - Снежана Зафировска и    обвинетиот со неговиот бранител адв. Орце Лазаров, а во отсуство на оштетените Г. М. и О. Т., на главниот претрес одржан на 29.3.2016 година ја донесе и на 30.3.2016 год. јавно објави следната:

П Р Е С У Д А

ОБВИНЕТИОТ Бранко Пешов, роден на ... год. во с. Д., од татко С. и мајка Р., со живеалиште во В. , со завршено основно обрзование, невработен, женет, татко на три деца, македонец, Државјанин на РМ, досега кривично неосудуван, против него не се води постапка за друго кр. дело, ЕМБГ ....

            ВИНОВЕН Е

            ЗАТОА ШТО

            На 1.6.2013 год., околу 17,30 часот на Бул. „Маршал Тито“ во Виница, непосредно пред кафичот „Кул“, во состојба на битно намалена пресметливост, се обидел со сила да ги спречи службените лица од ПС - В., Г. М. и О. Т. во вршење службено дејствие - работи на јавната безбедност, на тој начин што кога оштетените се обиделе да го привдат во ПС - В., истиот давал активен отпор и со рацете на полицискиот службеник Г. М. му го искинал десниот ракав од службената маица, по што неговиот отпор од страна на службените лица бил совладан и тој бил приведен на информативен разговор во ПС - В., па така делото што го започнал не било довршено и останало во обид.

            Со опишаните дејствија, обвинетиот сторил кр. дело „Спречување на службено лице во вршење на службено дејствие“ од чл. 382 ст. 3 в.в. ст. 1 и в.в. со чл. 19 од КЗ, поради што во сообразност со чл. 4, 32, 34 ст.1, 39, 48, 48-а ст. 1 т. 1, 49 ст. 1 и 50 од КЗ и чл. 369 од ЗКП (пречистен текст) му се

    И З Р Е К У В А

            АЛТЕРНАТИВНА МЕРКА - УСЛОВНА ОСУДА, казна затвор во траење од 6 месеци, која се смета за утврдена и нема да се извршува доколку во рок од 1-една година не сторат ново кр. дело.

            Обвинетиот се задолжува да ги плати трошоците во постапката - судскиот паушал во износ од 3.000 ден. на Трезорска сметка број 100000000063095, сметка на буџетски корисник 290101160663119, приходна шифра 724132 програма 20 и трошоците за вештачењата во вкупен износ од 22.493 ден. на сметка број 840-11206137, приходна шифра 724132-00, во рок од 30 дена по правосилноста на пресудата.

 О б р а з л о ж е н и е

            ОЈО - Кочани поднесе обвинителен акт Ко.бр. 223/13 од 9.10.2013 год. против обвинетиот Бранко Пешов од В., за кр. дело „Спречување службено лице во вршење на службено дејствие“ од чл. 382 ст. 4 в.в. со ст. 3 и 1 од КЗ. На главниот претрес одржан на 27.5.2014 год. застапникот на обвинението ОЈО - Снежана Зафировска изврши преквалификција на кр. дело, така што предложи обвинетиот да биде огласен за виновен и осуден за кр. дело „Спречување на службено лице во вршење на службено дејствие“ од чл. 382 ст. 3 в.в. со ст. 1 и в.в. со чл. 19 од КЗ.

            Главниот претрес е одржан во отсуство на оштетените Г. М. и О. Т., кои на претресите одржани на 10.1.и на 7.2.2014 год.  изјавија дека се приклучуват кон обвинението, но од обвинетиот не бараат да им ја надомести штетата. Инаку, во меѓувреме, оштетениот Г. М. е умрен, а оштетениот О. Т. подолг временски период се наоѓа на лекување во Р. С..  

            На главниот претрес Застапникот на обвинението ОЈО - Снежана Зафировска, изјави дека останува кон наводите во обвинителениот акт и му предложи на судот, по изведувањето на сите докази, обвинетиот да биде огласен за виновен за кр. дело што му се става на товар и осуден според Законот. Претходно изврши прецизирање на диспозитивот на обвинителниот акт, така што во истиот да се внесе дека обвинетиот дејствијата ги презел во состојба на битно намалена пресметливост. 

            Оштетените Г. М. и О. Т., на главните претреси  одржани на 10.1. и 7.2.2014 год. изјавија дека се приклучуваат кон обвинението, но од обвинетиот не бараат да им ја надомести штетата.

            Обвинетиот Бранко Пешов во својата одбрана истакна дека во конкретниот настан немал никаква намера да ги спречува службените лица во вршењето на службените дејствија   и кон нив не употребил сила, туку ракавот од службената маица на полицискиот службеник Г. М. го скинал сосема случајно во моментот кога бил симнуван од коњот, како и дека подолго време боледува од трајна душевна болест и во моментот на настанот бил под дејство на алкохол, поради што не можел да го сфати значењето на своето однесување и не можел да управува со своите постапки. Во завршниот збор неговиот бранител адв. Орце Лазаров му предложи на судот да донесе пресуда со која обвинетииот ке биде ослободен од обвинението за кр. дело што му се става на товар.

            Во доказната постапка изведени се следните докази: прочитани се изјавите на оштетените Г. М. и О. Т. дадени во својство на сведоци на претресите одржани на 10.1. и 7.2.2014 год. и изјавата на вештакот д-р. М. И. дадена на главниот претрес одржан на 10.1.2014 год., прочитани се записникот за извршено испитување на алкохолисаноста кај обвинетиот со апрат „Дрегер“ од 1.6.2013 год., неуропсихијатрискиот наод и мислење од 10.12.2013 год. изготвен од д-р. М. И., наодот и мислењето од 9.2.2015 год. изготвен од ЈЗУ - Психијатриска болница - Н., наодот и мислењето од тимското вештачење извршено од ЈЗУ - Психијатриска болница - Н. бр. 03-9/46 од 16.2.2016 год. и извршен е увид во фотодокументацијата бр. 118/13.

            По изведувањето на наведените докази и завршувањето на главниот претрес со совесна и сестрана отценка на сите докази и факти, утврдена е следната фактичка состојба:

            Обвинетиот Бранко Пешов подолго време боледува од биполарно - афективно растројство, како трајно душевно заболување и хроничен алкохолизам.

            На 1.6.2013 год. околу 17 часот тој, под дејство на алкохол односно со присуство на алкохол во организмот од 1,82 промили, качен на коњ и во рацете држејки картонска кутија во која имало ставено неколку кокошки, дошол на Бул. „Маршал Тито“ во Виница, пред кафе барот „К.“. Пред овој и соседните кафичи се наоѓале повеќе млади лица, кои почнале да го задеваат   обвинетиот, кој качен на коњот се движел неконтролирано по коловозот од булеварот, извикувајки „Напред Македонијо“, со што го попречувал нормалното одвивање на сообраќајот. Притоа, присутните лица му аплаудирале и го поттикнувале коњот даго крене на две нозе.

            Во меѓувреме, за настанот е известена ПС - В. и набргу, околу 17,30 часот на местото на натанот пристигнале полициските службеници - оштетените Г. М. и О. Т.. Тие, најпрвин почнале да го убедуваат обвинетиот Бранко Пешов да слезе од коњот, но тој не постапувал според нивната наредба, а во тој момент од картонската кутија на коловозот паднале и две од кокошките. Поради тоа, двајцата полициски службеници презеле мерки на присилба и обвинетиот го фатиле со раце за телото и го симнале од коњот, а додека ги преземале овие дејствија тој давал   активен отпор и со рака го фатил оштетениот Г. М. за службената мајца и при влечењето му го искинал десниот ракав од истата.

            Набргу, на местото на настанот пристигнало службено возило на ПС - В., со кое обвинетиот без да дава било каков отпор е приведен на информативен разговор во Полициската станица.                             

            Ваквата фактичка состојба е утврдена врз основа на сите изведени докази на главниот претрес, а пред се, врз основа на изјавите на оштетените кои се сослушани во својство на сведоци, врз основа на исказот на обвинетиот даден во своја одбрана и наведените писмени докази.

            Врз основа на вака утврдената фактичка состојба, судот утврди дека во дејствијата на обвинетиот Бранко Пешов се содржани конститутивните објективни и субјективни елементи на кр. дело „Спречување на службено лице во вршење на службено дејствие“ од чл. 382 ст. 3 в.в. со ст. 1 и в.в. со чл. 19 од КЗ.

            Имено, неспорно е дека во конкретниот кривично правен настан оштетените Г. М. и О. Т., како полициски службеници во ПС - В., вршеле работи на јавната безбедност сврзани со обезбедувањето на јавниот ред и мир. Неспорно е и дека во моментот кога тие ги преземале дејствијата за да го симнат прво обвиентиот Бранко Пешов од коњот и да го приведат на информативен разговор во ПС - В., тој давал активен физички отпор и притоа во еден момент со рака го фатил оштетениот Г. М. за службената маица и при влечењето му го искинал десниот ракав од истата.

            Притоа, изведените докази јасно укажуваат дека дејствијата што ги презел обвинетиот останале во обид, поради што во сообразност со чл. 19 од КЗ му е изречена поблага кривична санкцја.

            Тргнувајки од изнесеното, обвиентиот е огласен за виновен за кр. дело „Спречување на службено лице во вршење на службено дејствие“ од чл. 382 ст. 3 в.в. со ст. 1 и в.в. со чл. 19 од КЗ и му е изречена алтернативната мерка наведена во изреката на оваа пресуда, со уверување дека со истата ке бидат остварени целите на казнувањето од чл. 32 од КЗ.          

            Притоа, е применет и чл. 12 ст. 2 од КЗ, бидејки е отценето дека тој делото го сторил во состојба на битно намалена пресметливост. Имено, според наодот и мислењето на вештакот Д-р. М. И., наодот и мислењето на ЈЗУ - Психијатриска болница - Н. и наодот и мислењето од тимското вештачење извршено во наведената специјализирана здравствена установа, обвиентиот Бранко подолг временски период боледува од биполарно - афективно растројство, како трајно душевно заболување и хроничен алкохолизам, дека во моментот на настанот се наоѓал во манична фаза од душевното заболување, во која расположението кај него било силно изразено и дополнително стимулирано и од присуството на алкохол во неговиот организам (1,82 промили), поради што не бил во можност да ги контролира своите постапки, односно делувал со битно намалена пресметливост. Во наодот и мислењето од тимското вештачење е потврдено дека во времето на сторувањето на кривичното дело, заради нарушувањето во афектот, нагоните и мислењето во склоп на хипоманична епизода и алкохолемијата, во рамките на долна граница на средно тешко пијанство, обвинетиот не бил во можност јасно да го согледа значењеето на своето дело и не можел во целост да ги согледа последиците од своите постапки, така што делувал со битно намлаена способност да го свати значењето на своето дело и битно намалена способност да управува со своите постапки.

            При донесувањето на одлуката за кривичната санкција, ценети се сите отежнувачки и олеснувачки околности.

            Како отежнувачки се утврдени следниве околности: степенот на кривичната одговорност на обвинетиот и јачината на повредата и загрозувањето на заштитното добро.

            Како олеснувачки, пак, се земени предвид следниве околности: фактот дека тој досега не е осудуван за вакво и друго кр. дело, неговата семејна и имотна состојба (оженет е, татко е на три деца и не е вработен),   коректниот однос кој го манифестираа на одржаниот претрес (изразува искрено жалење за преземените дејствија и дава ветување дека во иднина нема да се доведува во ваква и слична ситуација), неговата нарушена здравствена состојба и околностите под кои го сторил делото.

            Одлуката за трошоците во постапката е донесена во сообразност со чл. 89 ст. 1 и ст. 2 т. 6 и чл. 92 ст.1 од ЗКП (пречистен текст). Во овие трошоци е опфатен судскиот паушал во износ од 3.000 ден., трошоците за вештачењето извршено од д-р. М. И. во износ од 2.500 ден., трошоците за вештачењето извршено од ЈЗУ - Психијатриска болница - Н. во износ од 5.550 ден. и трошоците за тимското вештачење извршено од наведената здравствена установа во износ од 14.443 ден. 

            Одлука за имотно правното барање не е донесена, бидејки оштетените Г. М. и О. Т. изјавија дека од обвинетите не бараат да им ја надоместат штета.

            Основен суд Виница.

            К.бр. 72/15 од 29.3.2016 год.

                                                                              Претседател на советот

            Записничар,                                                            Судија,

        Ј. С.                                                                     Љубчо Прокопенко

 

ПОУКА: Против оваа пресуда е дозволена жалба во рок од 15 дена

                по приемот, преку овој суд до Апелационен суд Штип.

31 август 2016 - 11:52