Северно македонска кујна? Леб да немате да јадете.

Fremdscham/fremdschämen - многу елегантен германски збор што значи да те јади срам заради некој друг, или „појела ме туџа срамота!“

Во последно време ретко пишувам вакви постови, во кои давам свое мислење или критикувам збиднувања или незбиднувања од Северната благонадежна европска невеста, затоа што веќе мислам дека нема повеќе што да се каже, а и за да го избегнам она стандардното „ај бе, ти од Германија најде нас да ни мудруваш, сеј си таму, убо ти е!“

Ама онаа мизерија што ја посведочив денес, толку ме разочара, што дури и ме налути. А јас не сум баш некој што лесно си дозволува да го погодат вакви работи.

Денес го посетив еден од најголемите и најстарите саеми за прехрана и производствени прехрамбени технологии во Европа, ако не и во светот - Grüne Woche Berlin. На овај саем беа претставени прехрамбени производи скоро од цел свет, а Хрватска е овогодинешната земја партнер на целиот саем, претставена со една цела хала свои произведувачи на храна. Нам добро познатите Подравка, Краш, Бадел, Аргета, но и десетици мали и средни, фамилијарни и локални произведувачи на сирење, вино, месни продукти, риби, слатко и мед, итн.
Сакате чоколадо од Того? Има! Сакате кавијар од Волгоград? Има! Сакате чаеви од Непал? Има! Сакате 300 видови швајцарски сирења? Има! Сакате аргентинско вино? Има! Лихтенштајн? Да да, тие 4 фамилии што се занимаваат со производство на храна во Лихтенштајн, беа претставени и ги нудеа своите производи на еден прекрасен штанд. И да не редам, во суштина, цел свет, од Португалија до Монголија, ја донел својата понуда, тука на ова место во Берлин.

Ама ние нели, не сме целиот свет. Што мислите, дека ние не сме се потрудиле да бидеме претставени? Не не, многу полошо од тоа. Бевме претставени, на најмизерниот можен начин! Дојдовме на саемот затоа што девојка ми беше возбудена што нејзината држава е земјата партнер, и ќе биде претставена во најдобро можно светло. И така и беше. И исто така беше возбудена затоа што го обожава македонското вино и ајвар, и впрочем сè што се јаде и пие, а расте на северномакедонска почва (да, намерно ја користам придавката, јасно ви е зошто).

На северномакедонскиот штанд нè пречека....ништо. Буквално ништо! Празни столици, празна витрина, и единствената понуда што беше застапена беше БУРЕК ОД КАДИНО! Да повторам: КАДИНО е единствен партнер на МЗШВ (кој е организатор) и единствената понуда од Северна Македонија е БУРЕК! И дури ни тој бурек ГО НЕМАШЕ ДА СЕ ПРОБА!

Ја прекинав девојката на штандот дури скролаше на инста да ја прашам: „што, на пауза ли сте?“ Ми вели „ааа....па да... малку на пауза...“ Јас: „А само Кадино ли се претставени, нема ништо друго?“ „Да да, само Кадино.“ „А ова Министерство го организира, или Кадино од свои средства се рекламира?“ „Министерството е организатор“.

„ОК, фала!“

Толку се разочарав, што дури ми беше срам од девојка ми, а не па од илјадниците посетители. Сакав што побргу да избегам од таму! Едни Руанда и Уганда имаа подобро организирана понуда!

Како што реков, ретко пишувам вакви постови, затоа што не сакам да бидам тој „дијаспорецот“ што цмиздри колку не му чини државата, оти тој си го нашол чарето. Ама македонски штанд, без вино, без ајвар, без сирење, без ништо, тоа не можев ни да го замислам. Преќутев кога на најголемиот саем за туризам во СВЕТОТ, македонскиот штанд беше празен, и никој не ме ни погледна кога сакав да се распрашам, ама за ова не можев. Овај дилетантизам го проби дното.

А за правилно да се долови, повелете и слики. Придавката North Macedonian не ја користам јас оти така сакам или саркастично, туку затоа што нашето министерство ја користи. Оти нели, согласно Преспа, придавката е само за државата и нејзините органи, а не и за нејзините производи. Оти нели идентитетот бетон! Оти нели, има посебна клаузула во Преспанскиот договор која регулира дека во поглед на ознака на трговските производи, ќе се регулира употребата дополнително на основа на работата на стручна комисија. Очигледно, на МЗШВ не му се чека на оваа комисија. За нив, и нашата кујна е - Северномакедонска. А сите ние што велевме „не функционира тоа така, или е северно или не е“, ние нели бевме регресивната реакционерна неевропска ЖМРОвска поткласа на неграџани.

Ни име, ни датум, ни ајвар, ни вино! Убедливо најлошиот и најсиромашен и најмизерен штанд на цел саем! Ни еден денар кој што го фрливме во субвенции за земјоделците, не ќе роди претприемач!

Не знам дали треба да ме јади туѓа срамота од ова, или своја. Ама во секој случај, потонав во земја, затоа што не можеме ни да замислиме поефикасен начин за на целиот свет да му покажеме дека она што го имаме да го понудиме е едно големо НИШТО!

Зоран Стефановски
виа ФБ

20 јануари 2020 - 20:00