Долговечната конспирација со 432-херцната музика

Мала промена во фреквенцијата на звукот во споредба со денес прифатениот стандард (440 херци) прави некому музиката да му звучи „потопла“ или „подлабока“. Теоријата има и конспираторска димензија - дека стандардот бил намерно наметнат во текот на 20 век за психолошка контрола, правејќи го звукот поансиозен.

Во последно време на интернет повторно се разгори старата дебата околу т.н. „432 Hz музика“. Сè започна со нова екстензија за Хром, MusicReTuner, која овозможува слушателите веднаш да го прештелуваат звукот на омилените песни од стандардните 440 Hz на 432 Hz, додека ги слушаат преку јутјуб или Епл мјузик. Тоа поттикна низа реакции на социјалните мрежи, каде корисници тврдат дека на овој начин музиката звучи „подлабоко, потопло и поприродно“.

Што е всушност разликата? Херц (Hz) е единица што ја мери фреквенцијата на звукот. Денес најголем дел од западната музика е стандардизирана на 440 Hz. Но дел од музичари и теоретичари на заговор веруваат дека „вистинската“ фреквенција треба да биде 432 Hz. Според нив, таа е „поврзана со космосот и природата“, може да ја намали анксиозноста, да го подобри сонот, да ја поттикне креативноста и да создаде хармонија со универзални математички шеми како златниот пресек или орбитите на планетите.

Теоријата има и конспираторска димензија: дека 440 Hz бил намерно наметнат во 20 век, па дури и дека наводно го промовирал нацистичкиот режим заради психолошка контрола. Историските факти покажуваат поинаква слика – во минатото не постоела универзална висина на тоновите, и различни инструменти имале големи варијации. Со развојот на технологијата и ширењето на музиката, се појавила потреба од стандардизација, која постепено довела до тоа 440 Hz да стане општ прифатен „концертен штим“.

Денес, додека научниците тврдат дека 432 Hz нема посебно физичко или психолошко влијание и дека разликата е минимална, многу луѓе велат дека ја чувствуваат музиката поинаку – повеќе емотивно и хармонично. Некои дури признаваат дека и да е само плацебо, тоа им е доволно. На крај, прашањето не е толку дали 432 Hz навистина е „тајната космичка фреквенција“, туку дека слушателите преку неа повторно откриваат нов начин на уживање во омилените песни. А тоа само ја потврдува старата вистина: музиката е секогаш повеќе од бројки и стандарди.

17 September 2025 - 09:25