
Кристин де Пизан (Christine de Pizan, 1364-1431) била дворска писателка (да, и таква женска професија постоела во средниот век) родум од Италија. Служела на дворот на Шарл Шести и на неколку војводи, за кои пишувала проза и поезија, но создавала и свои дела кои од денешна перспектива се сметаат за едни од најраните феминистички текстови. Благодарение на нејзината оставштина, денес имаме опис на секојдневието на францускиот крал Шарл V, кој владеел од 1364 до 1380 година.
Околу 1404 година, Кристин ја завршила својата биографија на овој владетел која била истовремено и водич за тоа како треба да живее и владее идеален монарх. Таа имала добра позиција да ја раскаже таа приказна – нејзиниот татко, Томазо ди Пизано, бил личен лекар и астролог на кралскиот двор, па со голема веројатност и самата Кристин понекогаш присуствувала таму. Подоцна разговарала и со луѓе кои лично го служеле кралот, како неговиот коморник и слугите. Нивните сведоштва, заедно со нејзините набљудувања, ѝ овозможиле да ни пренесе редок увид во секојдневниот живот на кралот.
Кралот Шарл обично се будел помеѓу шест и седум часот наутро. По утринска молитва, разговарал со своите слуги, често шегувајќи се. По чешлањето и облекувањето, неговиот капелан му го носел молитвеникот и му помагал да ги одржи утринските молитви. Околу осум часот одел на миса, која секојдневно се изведувала со свечено пеење.
По мисата, излегувал во дворот каде што го чекале луѓе – богати и сиромашни, жени и девојки, вдовици и други, кои доаѓале да му се пожалат или да побараат помош. Кралот љубезно ги сослушувал оние чии барања биле разумни, а посложените случаи ги препраќал на своите советници.
Потоа се среќавал со Кралскиот совет и со благородници или свештени лица. Ако немало некоја итна и долготрајна обврска, околу десет часот одел на трпеза. Неговиот оброк бил скромен, бидејќи не сакал тешка храна – велел дека му ја нарушува меморијата и варењето. Пиел лесно, разводнето вино во умерени количини. По јадењето, слушал музика од жичани инструменти за да си го поткрене духот.
По оброкот, се враќал на дворот, каде што го чекале многу гости, како амбасадори, благородници и витези, како домашни, така и странски. Таму добивал вести од разни краишта, за битки, војни или други важни случувања и решавал што треба да се преземе. Потпишувал писма, доделувал привилегии, назначувал службеници и одговарал на молби. Сето тоа траело околу два часа, по што се повлекувал на краток одмор.
Во попладневните часови се опуштал во друштво на најблиските, разгледувал скапоцености или други лични предмети. Овој дел од денот бил посветен на одмор, потребен поради неговата чувствителна здравствена состојба, со оглед на тоа што најголем дел од денот го поминувал во сериозни државни обврски. Потоа одел на вечерна молитва, а во лето, ако бил во резиденцијата Сен Пол, шетал низ градините со кралицата и децата. Разговарал со жените од дворот, се интересирал за нивните семејства, или примал необични подароци – оружје, накит, скапоцени ткаенини и други егзотични предмети што ги разгледувале заедно со познавачи од семејството.
Историчарот Михаел Брауер, кој ја проучувал дневната рутина на Шарл V, забележува дека неговиот живот се одвивал во три главни општествени простори: јавни појавувања пред народот, интеракции со семејството и дворјаните, и време во приватност, иако слуги секогаш биле присутни. Особено важна била неговата достапност пред поданиците – таа испраќала силна порака за праведност и мудрост.
Кристин де Пизан не само што ни оставила историска слика на секојдневието на Шарл V, туку и идеализирана визија за тоа како треба да изгледа животот на добар владетел. Таа неговиот ден го претставува како хармонична целина составена од молитва и учење, државнички должности и умерено задоволство. Овој поредок на животот, според неа, бил суштински за успешното владеење. Како што пишува: „Политичката наука, врв меѓу уметностите, го учи човекот како да се управува себеси, своето семејство, поданиците и сите други работи според праведен и соодветен ред. Истото важи и за управувањето со кралства и царства.“