Трендо во бомбите

Штета, овој ден требаше да биде посветен на вистината за смртта на Никола Младенов. А не јас да ви раскажувам што курац правам со мои пријатели.

Пошто почнаа просеравања на таа тема, главно од луѓе кои абер немаат за што зборат, да ви објаснам некои работи.

Во последната бомба на Заев, во еден дел од муабетот со неговата шефица, Иво Котевски ѝ кажува на Гордана Јанкуловска дека сме се договарале да го шупчиме Горан Теменугов, долгогодишен новинар, моментално во Алсат.

Мрачен план за заговор на злосторничкото МВР со наводно неутралниот Трендо против македонски новинар! Паднаа маските!

Немонтирано, нелепено и недодавано: Да, потврдувам дека е вистина, сме зборувале за тоа. И пазете, не само што сме зборувале туку и сме го правеле тоа! Горан ги добил тие пораки, Горан вратил на тие пораки, со слични заебанции. Кој уствари денес дознава вистина кога вистината за Трендо и Иво околу планот со Горан, веќе ја знае Горан? Што и кој дознава овде, побогу? 

Сме го правеле тоа тие денови, години пред тие денови, го правиме тоа години после тие денови. И тој нас, нормално, сам или во коалиција со некој од нас двајца.

Кој е кој во приказнава?

Јас сум Трендо. Го пишувам ова мада ич не ми е мерак, пошто е многу глупо.

Иво е оној од МВР.  Прво вработување како новинар го имал кај мене, тоест јас сум го примил на работа, кога бев уредник на вести во Канал 5. Го знаев и од претходно, преку Логин.

Горан Теменугов ми дојде во истата редакција во Канал 5, од МТВ; порано или подоцна од Иво, не памтам. Супер дечко, со многу желба да учи занает. Малку его трип (мој сајт, јебига): пред неколку дена на својот Фејсбук Теменугов ги спомна уредниците кои му биле битни во неговиот 20 годишен новинарски живот:

Saso Macanovski Trendo. Го избруси потенцијалот. Ме научи дека секој збор има своја тежина. Мајстор на кратка форма. За него се работи и за без пари.

Најтазе и најтаблоидно, за нај(крво)јжедните во публиката, еве нè последниот пат, пред некоја недела, во Лајка. Јас сум позади. Тој матниот, нормално.

Иначе, фала на прашање, одлична редакција беше тоа, заедно со Сашко Голов и покоен Душко Сиљановски уреднички ја водевме околу 2 години, од 98-ма до 2000-та. Па двајцата излегоа, а јас неколкумина од младиве направив уредници. Меѓу другите, и Иво и Горан. Беа таму и Васко Попетрески, Ивона Талевска, Миле Бошњаковски, Весна Ковачевска, Ана Марија, Марина, Биљана Зафировска, Марјан Ѓуровски, Тања Цветковска, Елена Симоновска, Бети, Невенчето, Гравче.... Р'гавме го црнци, али ќеиф.

Со Иво и со Горан  оттогаш се имаме видено и слушнато безброј пати (хеј, 15 години го правиме тоа). Се слушаме за да се видиме, а се гледаме за да бидеме заедно. Што онака, најклошарски, што за да прославиме некоја убава работа во нашите животи (родендени, повишица на плата, деца ни се раѓале...). Знаат да дојдат и Невенка, Сашко, Владо стариот, Логин, чак еднаш и Здравкица (метео) ни дојде во Љуц! Ма, цут друштво.

И видете го сега чудото на денот: јас и Иво сме збореле да го лупаме Теменугов. Што, да ја знаете целата вистина бидејќи ја заслужувате (не!), на врло голем ќеиф и сме го направилe. Имате тројца пријатели, двајца од нив се договарале да го зезаат третиот. Овој ѝ кажува на шефицата за тоа. Јас сум им го кажал тоа на моиве од Трендоленд.

Така е. И?

Ако веќе заборавивте, повод за оваа непотребна приказна е бомбата "Вистината за Младенов". 

Бог да го прости. Редок новинарски калибар, нема такви многу наоколу (моментално нема ич, додуша). Фали да седнеме како некогаш и да се испокараме или испосложиме за све живо и диво, како што тоа го правам ден-денес со овие двајца озгора и со сите мои други пријатели со кои имаме среќа да сме уште нешто живи. Штета, штета за него. Моите мисли се со Биљана и со децата.

Драги мои хејтери и за твит подраги хејтерки, заради Никола Младенов јас во својот живот имам сменето две битни работни места. 

Првиот пат беше кога го напуштив Сител и дојдов во тогаш новиот Канал 5 (ви текнува, истата онаа редакција во која како новинари ми дошле Горан и Иво?). Вториот пат кога престанав да пишувам за Дневник и преминав во Фокус. За првото, додуша, ме заеба (пошто брзо го снема од Канал 5 а мене маме ми се еба со младата и неформатирана новинарска екипа; али реков, ќеиф беше), а второто (123 колумни за Фокус) го истеравме најдобро што може. Сè што си ветивме, и двајцата го исполнивме. До даска.

Драги мои хејтери и за твит подраги хејтерки, јас за Фокус имам напишано повеќе отколку што вие во Фокус имате прочитано.

И што друго да ви кажам за мрачниот заговор - Трендо и полицаецот Иво Котевски версус новинарот Горан Теменугов? Што да ви кажам за еден муабет што сте го чуле во бомбите на Заев во кој едниот пријател зборува дека со вториот пријател се договарале да го ребрачат третиот пријател?

И ќе се ребрачиме и ќе се сакаме, години и години после ова, да сме живи и здрави. Вие како стоите со пријателите? Се сакате и се ребрачите ли меѓусебе како ние тројца? Си пуштате ли СМС пранкови и заебанции? Пробајте, знае тоа да биде забавно.

Штета, овој ден требаше да биде посветен на вистината за смртта на Никола Младенов. А не јас да ви раскажувам што курац правам со мои пријатели.

Ама, тоа е, си бараат луѓето објаснување.

Ете ви го.

Трендо,
пријател со Иво и Горан

п.с. Најжалното го оставив за најдолу:

Како се пали руљата, па војна можат да ви направат за крив курац бе, абдали едни бесвесни!

7 мај 2015 - 18:21