Teju Cole - New Yorker

Неоплакуваните тела

Воденичар од северна Италија во 16-от век, познат како Менокио, писмен ама не е дел од книжевната елита, има повеќе теолошки верувања. Тој верува дека душата умира со телото, дека светот е создаден од хаотична супстанца, а не Ex nihilo (од ништо), и дека е поважно да го сакаш соседот свој отколку Господ.

Тој наоѓа ексцентрични оправдувања за своите верувања во неколкуте книги што ги прочитал, меѓу нив Декамерон, Библијата, Куранот и Патувањата на сер Џон Мендевил, сите преведени на италијански. За неговото страдање, Менокио неколку пати е изведен пред Инквизицијата, измачуван и во 1599-та запален на клада. Тој е еден од илјадниците кои имаат таква судбина.

Западните општества не се, па дури ни сега, рајот на скептицизмот и рационализмот како што тие се замислуваат дека се. Западот е разнолик простор, во кој постојат и слободата на мислата и тесно регулираниот говор, и во кој отфрлањето на смртоносно насилство се случува во исто време со тајната тортура. Меѓутоа во моментите кога Западните општества се чувствуваат дека се нападнати, за кратко време со јавниот говор завладуваат аисториските фантазии за трпелива спокојност и храброст наспроти провокацијата. Сепак европската и американската историја се толку силно обележени од обиди да се контролира говорот што прогонот на бунтовната мисла се смета за основен потпорен столб на овие општества. Горење вештерки, судења против ерес и незапирливата работа на Инквизицијата ја оформуваат Европа, а потоа овие идеи се шират и во американската историја и превземаат нејзин лик, од "припитомување" на робовите до цензурирање на критичарите на операцијата Ирачка слобода.

Неделава во Париз беа убиени повеќе од дузина луѓе. Жртвите на овие дела се оплакувани низ целиот свет: тие биле човечки суштества, кои биле сакани од своите семејства и почитувани од своите пријатели. Во среда, 12 од нив беа мета на вооружени мажи заради нивната поврзаност со францускиот сатиричен магазин Шарли Ебдо. Шарли често пати беше насочен против Муслиманите, и посебно уживаше во прекршување на муслиманската забрана за прикажување на пророкот Мухамед. Тие правеа и друго, вклучувајќи напади на политички мети, како и на христијански и еврејски. Магазинот ги нацрта Отецот, Синот и Светиот дух како имаат сексуална тројка. Илустрациите како оваа често пати се наведуваат како доказ за подготвеноста на Шарли Ебдо да го навреди кого било. Меѓутоа во последните години магазинот беше специфично насочен кон расистички и исламофобски провокации, меѓу кои Арапи со куки во носот, Куран со куршуми од дупки, варијации на тема содомија, и исмејување на жртви на масакр. Не секогаш е лесно да се види разлика меѓу одредено духовито несогласување со религијата и навредлива расистичка агенда, меѓутоа нужно е да се проба. Дури и Волтер, херојот на многумина кои го воздигаат слободниот говор, грешел. Неговиот забавен и храбар анти-клерикализам може да е уживање за читање, ама тој исто така е и посветен анти-семит чија критика на јудаизмот е надополнета со навреди за карактерот на Евреите.

Настаните од неделава се случија наспроти француската грда колонијална историја, нејзиното бројно муслиманско население, задушувањето, во име на секуларноста, на некои од исламските културолошки изрази, како фереџето. Црнците не беа ништо повеќе поштедени од Шарли Ебдо: една од карикатурите на магазинот ја прикажува министерката за правда Кристин Тобира, со потекло од Француска Гвајана, како мајмун (природно, одбраната е дека крајно расистичката слика се користи за исмевање на расизмот); друга го прикажува Обама во црнечки Самбо стил сличен на илустрациите од ерата на Џим Кроу.

Во четвртокот наутро, денот по масакрите, се погоди да бидам во Париз. Насловот на Le Figaro беше "LA LIBERTÉ ASSASSINÉE" Le Parisien и L'Humanité исто така го користеа зборот liberté во нивните наслови. Слободата навистина беше нападната - како писател го негувам правото да навредиш, и го поддржувам ова право кај другите писатели - ама што фалеше во оваа слика? Секој пат кога ќе се случи терористички напад во некој од центрите на западната моќ тој е придружен од еден тон автентична збунетост. Зошто тие донесоа насилен ужас во нашите мирни општества? Зошто тие убиваат кога ние не? Една од најсподелуваните илустрации, на Лусил Клерк, скршен молив како се регенерира себе си во два одделни наострени моливи, е типичен пример. Пораката беше јасна, како и со "jesuischarlie" хаштагот: дека влогот не е само правото на луѓето да цртаат што сакаат, туку дека, во часовите по убиствата, она што тие го нацртале треба да се слави и шири. Соодветно, не само што голем број од илустрациите на Шарли Ебдо беа препечатени и раширени, туку самиот магазин по нападите доби огромни суми пари - 100.000 фунти од Гардијан Медиа Груп и 300.000 долари од Гугл.

Меѓутоа можно е и да се одбрани правото на непристоен и расистички говор и без да се промовира или спонзорира содржината на тој говор. Можно е да се покаже сквернавењето и без да се прибегне кон расизам. И можно е да исламофобијата да се смета за неморална без да се посакува да е нелегална. Моментите на тага ниту не' лишуваат од нашата комплексност, ниту не ослободуваат од одговорноста за носење одлуки. A.C.L.U.(American Civil Liberties Union) беа во право кога ја одбранија нео-нацистичката група која, во 1978-ма, сакаше да маршира низ Скоки, Илиноис. Екстремната навредливост на луѓето што маршираа, без никаква конкретна закана за насилство, не беше и не треба да биде нелегална. Меѓутоа ниту еден разумен човек не ја гледа оваа одбрана на Првиот Амандман како одбрана на нацистичките верувања. Карикатуристите на Шарли Ебдо не беа само критичари, ниту маченици на правото да навредуваш: тие беа идеолози. Само затоа што човек го осудува нивното брутално убиство не значи дека мора да ја поддржи нивната идеологија.

Наместо да се утврди дека нападите во Париз се моментот во кризата на слободниот говор - како што тоа го направија многу коментатори - неопходно е да се разбере дека слободниот говор и останатите изрази на liberté веќе се во криза во западните општества; кризата не ја предизвикаа тројца излудени вооружени мажи. САД, на пример, го консолидираа својот традиционален монопол на екстремно насилство, и, во ера на податоци, тие исто така ги натрупуваат информациите за нивното имплементирање на ова насилство. Има сурови последици за оние кои ќе го стават овој монопол под знак прашање. Единствената личност која што е во затвор за одвратниот режим на тортура на ЦИА е Џон Кириаку, човекот кој го пријави ова. Едвард Сноуден го ловат низ цел свет заради тоа што откри информации за масовното прислушување. Челзи Менинг служи 35-годишна казна затвор за нејзината улога во ВикиЛикс. Тие, исто така се богохулници, ама не се универзално валоризирани, како што се карикатуристите на Шарли Ебдо.

Убиствата во Париз се одвратен прекршок кон човечкиот живот и достоинство. Големината на ова дело уште долго време ќе не шокира сите нас. Ама алузијата дека насилството од само-прогласените Џихадисти е единствената закана за слободата во западните општества игнорира други, често понепосредни и поинтимни, опасности. САД, Британија и Франција на различни начини и пристапуваат на државотворноста, меѓутоа тие се сојузници во одредена визија на светот, и една од најважните работи што ја делат е очекувањето за соодветно почитување кон западната секуларна религија. Ересот против државната моќ се мониторира и се казнува. Во Британија беа уапсени луѓе заради коментари на социјалните медиуми против војската или полицијата. Масовното прислушување исто така има застрашувачки ефект врз новинарството и на практикувањето на правото во САД. Во меѓувреме, вооружените сили и разузнавачките агенции од овие држави бараат, и генерално добиваат, безрезервна поддршка од нивните граѓани. Кога тие измачуваат или извршуваат воени злосторства, без разлика колку се нелегални или неморални, има сосема малку очекувања за целосна одговорност или прогон на одговорните.

Опсегот, интензитетот и манифестацијата на солидарност која ја гледаме за жртвите на убиствата во Париз, без разлика колку таа охрабрува, покажува колку е лесно во западните општества да се фокусираш на радикалниот Ислам како вистински, или единствен, непријател. Фокусот е дел од консензусот за оплакуваните тела, и често не' спречуваат да им посветиме внимание на останатите, тековни, случаи на ужасни колежи низ светот: киднапирања и убиства во Мексико, стотици деца (и повеќе од дузина новинари) изминатата година се убиени во Газа од страна на Израел, масакри во Централно-африканската република, и т.н. И дури и кога со право ги обвинуваме криминалците кои тврдат дека делуваат во име на Исламот, малку од нашата тага оди за безбројните муслимански жртви на нивните напади, без разлика дали е во Јемен или Нигерија - и во двете неделава имаше масакри - или во Саудиска Арабија, каде, меѓу многуте прекршувања на човековите права, казната за новинарите кои го "навредуваат Исламот" е камшикување. Ние можеби не можеме да му посветиме внимание на секој гнев во секој дел од светот, ама би требало барем да паузираме и да размислиме како е можно јавното мислење толку брзо да се одлучи дека одредена насилна смрт е поважна, и повеќе заслужува комеморација, отколку друга.

Франција денес е во тага, и ќе биде и во неделите што доаѓаат. Ние жалиме заедно со Франција. И треба. Ама исто така вистина е и дека насилството од "наша" страна продолжува со несмален интензитет. Ова време следниот месец, речиси со сигурност, уште многу други "млади момчиња на возраст за регрутирање" и многу други, ниту млади ниту машки, ќе бидат убиени во нападите со дронови на САД во Пакистан и на други места. Ако се водиме од досегашните напади, многу од овие луѓе ќе бидат невини. Нивната смрт ќе се смета за природна и неоспорна како смртта на Менокио во времето на Инквизицијата. Оние од нас кои се писатели нема да сметаат дека пенкалата ни се скршени од таквите убиства. Ама таа неспорност, таа неоплачливост, подеднакво како и масакрот во Париз, и јасна и присутна опасност за нашата колективна liberté.

Teju Cole - New Yorker

10 јануари 2015 - 17:06