Апсете ја Ванковска!

Ванковска напишала три збора на Фејсбук. Првиот збор е трагедија. Вториот е иронија. Третиот е Карпалак. Како што на најостроумните во гневната публика им е веќе јасно, ние со ваков наслов би да подметнеме предлог за поблага казна, пошто во ова општество на суптилен јавен говор, тие три збора ваљда се доволни жената да се спали. М?

Колку што видовме летајќи низ огромната количина секакви емоции предизвикани од трагедијата со автобусот, тие три збора на професорката предизвикаа реакции, анализи и дебати повеќе отколку трите збора на Мартин Лутер Кинг (1. ај. 2. хев. 3 дрим).

Една неподнослива бучава во моменти кога на најблиските им треба мир за да побараат спокој.

„Дојдовме дотаму што воспитан човек денес и да сака да проговори, нема да го направи тоа само за да не се најде во исто друштво со сиот шљам кој деновиве изби на површина“, пишува во колумната „Усул малку“, посветена на колективните хистерии, тогаш во случајот со погибијата на Борис Трајковски и луѓето во авионот. 

А реакциите на кои налетавме, главно од оние најпростачките, ка-та-стро-фал-но лоши, ужасни, не би ви текнале такви гадости (не, нема да ви пренесеме), посебно што се напишани сè во име на човештината, сè во име на некоја емпатија. А оно катаљарда пати погадни од било која асоцијација и схоластичко толкување кое можете да го истегнете од „трите спорни зборови“ на Ванковска. И се разбира, таа спирала продолжува со контра, набројување кој што сè кажал во минатото... Па крај нема бе тоа. А сите демек за загинатите, за нивните блиски, за човештина...

Ванковска се лизнала на нешто што не чуди кај оние кои се (пре)често на Фејсбук или Твитер. Заради тој еден рефлекс (кој мрежите махерски му го вежбаат на човек), да се прокоментира или остави траг на секоја работа што прелетува на ѕидот. Тоа често оди „на прва“, без многу мислење, без вагање, мрежите и гладните во нив немаат многу време да чекаат на твоја реакција, те тераат „да се произнесеш“.... И тоа е генерално лоша и непотребна навика.

Ама па! Еден напишал цела колумна за тоа, најотворени закани за неа и животот и сексуалната судбина на нејзиниот пород, новинари од национални телевизии цитираат треш портали кои кај нас можат да се најдат само на дното, почнува одеднаш да функционира системот и низ медиумите се пушта глас дека и обвинителство ќе види дали таму има нешто, се огласува министер за полиција.... Вредни и бескомпромисни тие! Најново што видовме на таа тема е некоја петиција полна со небулози од типот „преку говорот на омраза по кој е позната“ (ајде?) или „ таа јасно ја изразува нејзината радост во врска со оваа трагедија (со кој од тие три збора се изразува јасна радост во македонскиот јазик?), највероватно (???) мислејќи дека...“

Ванковска се лизнала, ама другиве се утепале.

Дечки. Малку тишина. Не јавајте на брановите кои прават голема пена од која не може да се види дека бранот завршува во карпа. Не бидете како руљата, бидете подобри од нив. Зборувајте за оние кои помогнале или сакаат да помогнат. Загинатите нека почиваат во мир, нивните блиски нека побараат некаков спокој.

Ако не па, да ја палите Ванковска, м?   

*****

15 февруари 2019 - 13:15