Колективно (не)свесно

Зошто сите на интернет сакаат да умрат?

Од 2016 наваму забележителен тренд на социјалните мрежи е да се бие шега со смрт, самоубиство и депресија. А ако е нешто „ин“, зошто ние би останале покусо?

Манија на самодијагностицирање со психички проблеми, посакување сопствена смрт и на двосмислени, а понекогаш и директни пораки за самоубиство, се дел од шарената понуда на „тропи“ кои го преплавуваат интернет. И не дека ова не се вечни теми, но нивниот саркастичен тон кој ги гламуризира, пародизира, но истовремено и нелагодно акцентира сега е толку силен, што како да си бара колективен психијатриски систематски преглед.

Како што ќе ви кажат стручните за оваа тема, обзнанувањето на намера или желба за сопствена смрт не значи автоматски дека некој следната минута ќе се убие. Но овој обид за привлекување внимание можеби во себе крие очајна потреба за подадена рака и помош, која ако се игнорира на крај може навистина да заврши фатално. Како во онаа приказна со Пеце и волкот, викањето „Сакам да умрам! Сакам да умрам!“, дури и на почетокот да било фолирање, на крај може да стане самоостварувачко пророштво, или барем сериозно да повлијае врз сопственото или туѓото настроение.

А што ако ова го викаат, и тоа прилично гласно и јасно, илјадници луѓе, и тоа во вирални и масовно лајкани и споделувани постови? Мемињата за смрт и самоубиство од минатата година наваму станаа ефикасен начин за изразување на сè од вознемиреност преку гнев до генерално незадоволство за тоа каде оди светот.

Како што пишува Mic.com барем во англиско-јазичниот дигитален простор оваа „тропа“ се смета дека се должи на вознемирувачките настани во светот како американските избори од 2016; терористичките напади во Орландо, на Флорида и во Ница; Брегзит; смртта на неколу славни личности, и генералната економска, климатска и секаква несигурност која како да виси над сечиј монитор. Акцентирањето на скандалозните и негативни стории и анегдоти заради повеќе кликови помага во тоа светот да се доживува како мрачно и не многу весело место. А дури и кога е „весело“, тогаш смеата најчесто доаѓа повторно од играњето со непријатните теми, како некој вид тераписки филтер.

Додуша ваквата „гламуризација“ на смртта на интернет почнало неколку години порано, а еден од најретвитаните постови бил оној на Пирс Морган, со краткото и јасно „Сакам да умрам“. Тоа што Морган го напишал ова во контекст на фудбал веќе и не е важно - повеќето од 152.222 кои го споделиле тоа го направиле од свои причини, а фудбалскиот контекст сосема исчезнал. Помеѓу 2013 и 2015 мемињата „Убиј ме“ имаат воедначена популарност, но веќе во 2016 тие се заменети со повеќе варијанти на „Сакам да умрам“, нихилистички содржини а, за одредена филозофски поткована публика, дури и цели такви, нихилистички профили (хинт: Ерик Јаросински или @Nein).

Иако е можно некои од оние кои ги создаваат или шират овие постови навистина да страдаат од некое психичко нарушување кое им предизвикува песимизам и суицидни мисли, гледано на ниво на група овие мемиња се популарни најверојатно бидејќи ја вградуваат идејата за губиток на надеж во човештвото. „Сè е грозно и сите ќе умреме“ е главната порака, која не остава многу простор за спротивни мислења. Веќе не важи ни табуто за зборување за менталното здравје онлајн, како и политичката коректност на заебавање со депресија или самоубиство. Милениумската генерација, како што прави и со речиси сè останато, ја „киднапира“ оваа идеја, и ја претвори во виц. Ова може да се толкува како здрав, црн хумор, но и како симптом за подлабоки пореметувања на колективната психа.

Ваквиот тренд е забележителен и во македонскиот дигитален простор. „Тажно ми е, сакам да умрам“, „Мене депресија не може да ме фати затоа што не ме ни пуштила“, „Од жешково не можам да се сконцентрирам на раат да си влезам во депресија“, „А ти дошло да се одјавиш од светот? Не само заради Твитер, општо зборам“, на што одговорот е „Секој трет ден, секоја четврта ноќ“ и „Џабе, очито не можело да се предозираш со витамин Ц“, се само некои од твитовите на македонски во последниве неколку часа.

Самодијагностицирањето, твитови со (лажни, вистински?) повици за помош, кокетирање или отворено спомнување на идејата за сопствена смрт, квази-психолошки совети во форма на „мотивациски“ цитати, обвинувања за патетичност и по некое црвено светло да не се игра со овие идеи бидејќи се сериозни кои се губат како вода во песок се само некои од локалните манифестации на феноменот. И иако ова може да изгледа како нормализирање (во позитивна смисла) на разговорот за смрт и психичко здравје, има разлика помеѓу нормализирање и гламуризација. Опкружување на себеси со луѓе кои се тажни или цинични затоа што тоа е „ин“ може да ја влоши состојбата ако веќе постојат знаци на анксиозност или депресија. Иако социјалните мрежи и смеењето на луцидни забелешки во врска со сериозни теми може да понуди привремено олеснување, вистинскиот човечки контакт (знаете она, со гледање во очи, гушкање, или мавање заушки) се уште е незаменлив.